Престижен француски универзитет го прекина својот договор со комерцијален провајдер на академски податоци и се префрли на непрофитниот конкурент, со што го поддржа сè погласното движење за бесплатен пристап до знаења.
Од 1 јануари, Сорбона ќе соработува со ОпенАлекс, неодамна развиен сервис кон нуди бесплатен онлајн пристап до пребарување и аналитички алатки за академски публикации. Со тоа универзитетот го прекина долгогодишното партнерство со Web of Science, во сопственост на британската компанија Clarivate.
Овој чекор е дел од поширокиот отпор кон актуелниот модел на академско издаваштво, каде истражувачите објавуваат и рецензираат статии бесплатно, но тие или нивните институции мораат да купат скапи претплати за списанијата во кој се објавувани, што им е потребно за да бидат во тек со тековните истражувања. Илјадници истражувачи се имаат префрлено на платформи со отворен пристап во последниве години (а се уште се користат и „пиратските“ извори).
Елизабет Ангел-Перез, потпретседателка за истражување и иновации на Сорбона, кој оваа година плати на Clarivate 51.000 долари, вели дека оваа радикална одлука била донесена за да се промени сопственоста врз резултатите од истражувањата и да се биде во позиција научниците повторно да стекнат контрола врз она што го произведуваат.
Џејсон Прим, основач на OpenAlex, вели дека мотивот да ја основаат платформата бил јазот помеѓу академските вредности и акционерските интереси. „Суштината на истражувањето е споделување, а профитот значи ставање рака врз нешто и негово заробување“. Тој е во преговори со други институции да станат премиум клиенти како Сорбона.
Платаформите на научни податоци и списанија имаат огромно влијание врз универзитетските рангирања и финансиската поддршка која би можел да ја добие поединец или институција. Истовремено, високата цена на претплата ги затвора вратите за млади истражувачи кои допрва влегуваат во областа. Нуспојава е појавата на сомнителни „фабрики на научни статии“ кои произведуваат огромен број текстови без ригорозна рецензија (види претходно „Аман бе, луѓе!: истражувачи објавуваат нов научен труд на секои пет дена“).