Аман бе, луѓе!: истражувачи објавуваат нов научен труд на секои пет дена

Чеетири пати повеќе истражувачи произведуваат повеќе од 60 научни статии годишно во споредба со состојбата од пред една деценија. Земјите кои забележуваат највисок пораст на бројот на ваквите научници во текот на изминатите пет години се Саудиска Арабија и Тајланд.

Порастот на „екстремно продуктивните“ автори во областа на научното издаваштво во последниве неколку години поттикнува загриженост, дека некои истражувачи посегнуваат по сомнителни методи на објавување на толку голем број трудови. Специјалистите сметаат дека во основа на екстремните однесувања од ваков вид можеби лежат неетички истражувачки практики, па дури и измами. 

Џон Јоанидис специјализира метанаука на Универзитетот Стенфорд. Тој истражувал статии, рецензии и конференциски статии индексирани во датабазата Скопус помеѓу 2000 и 2022. Од ова биле исклучени физичарите, кои објавуваат голем број статии бидејќи практиките за авторство во ова поле се разликуваат од другите. Истражувањето следело како екстремно продуктивното авторство се менувало со текот на времето во различни земји и научни дисциплини.

Генерално, најпродуктивните автори вон физиката биле од областа на клиничката медицина, каде имало речиси 700 „супер“ објавувачи во 2022. Земјоделието, риболовот и шумарството биле најбрзо растечките кога станува збор за екстремно продуктивни истражувачи, со пораст од 14,6 пати помеѓу 2016 и 2022. По нив следат биологијата, математиката и статистиката. 

Само во 2022, 1.266 автори објавиле еквивалент на 1 статија секои 5 дена, ВКЛУЧИТЕЛНО викенди, споредено со 387 автори кои го правеле истото во 2016. По земји, Саудиска Арабија има најголем раст во апсолутна смисла, со пораст од 6 на 69 екстремно продуктивни автори помеѓу 2016 и 2022. Следен на списокот е Тајланд. Ова веројатно се должи на богатиот систем на финансирање, кој фаворизира големи интердисциплинарни тимови со што на истражувачите им е полесно да го стават своето име на поголем број статии.  

Едно од решенијата за ваквата ситуација е универзитетите и другите научно-истражувачки институции да не го земаат предвид квантитетот на објавените статии (што е случај во голем број од нив во моментов), туку нивниот квалитет. Во спротивно, актуелната плима на екстремно продуктивни автори ќе продолжи, исто како и тенденцијата да се „загушува“ просторот на научното издаваштво во кој од шумот на големиот број објави често не се стигнува да се направи разлика помеѓу тоа што е што. 

извор

21 декември 2023 - 16:22