Сега се раат

Хантер Томпсон конечно му го врати украденото на Хемингвеј

Царот на „гонзо новинарството“ во својата кариера направил разни глупости, со кои и денес се занимава неговото семејство. Најновото е дека на имотот на Хемингвеј се вратени рогови од елен, кои Хантер просто си ги собрал при неговата посета.

Годината е 1964, а тогаш 27-годишниот Томпсон патува до Кечам, Ајдахо, познато како местото каде Хемингвеј ги има поминато последните денови од животот, со задача за The National Observer да напише статија за тоа зошто Хемингвеј си го одзел животот три години претходно. Со оглед на големата почит која тој ја имал за овој писател, а можеби просто затоа што така му дошло, Томпсон притоа успеал од ѕидот во дневната, претворена во музејска поставка, да симне ловечки трофеј - пар рогови од елен и некако да си замине со нив.

Роговите ги чувал скриени во својата гаража, над црвениот Шеви Импала, истиот оној што се спомнува во „Страв и треперење во Лас Вегас“. Но подоцна се покајал за стореното, и во книгата „Големиот лов на ајкули“ ги хејтал оние посетители на гробот на Хемингвеј кои откопуваат земја од него како сувенир, сакајќи да поседуваат нешто што ќе ги поврзе со омилениот автор. Планирал со жена му повторно да дојдат во Ајдахо и „тивко“ да ги вратат роговите, но тоа никогаш не се случило. Но затоа Анита Томпсон, неговата вдовица, пред некој ден ги ставила во гепек, и возела 11 часа до Кечам, за да го затвори ова поглавје. Сега тие се кај внукот на Хемингвеј, кој живее во Њујорк.

Исто како и Хемингвеј, Томпсон го заврши животот пукајќи во себеси, на возраст од 67 години.

 

24 август 2016 - 16:21