На последниот саем на книгата ја купив „Обраснати патеки", книгата која Хамсун ја напишал во текот на притворот и судењето за предавство на сопствениот народ во Втората светска војна. Во неа, со крајно смирен тон, небаре зборува за престој на бања, тој ги раскажува околностите под кои бил најпрво уапсен, а потоа и затворен во душевната болница Гримстад, додека го очекувал посакуваното судење, на кое требало да се разјасни за што е точно виновен, и на кој начин го има извршено наводното предавство.
Книгата сепак не се занимава толку со фактите, колку со внатрешните доживувања на старецот, прогласен од кралот на неговата земја за нејзина душа, заради начинот на кој во неговите 20-тина романи ја портретираат Норвешка и нејзините луѓе. Токму затоа филмот со Макс фон Сидов, кој трае цели 160 минути, е одлично надополнување на интроспекциите од книгата, и празните места кои таа ги остава.
„Празното" или премолченото особено се однесува на улогата на 22 години помладата сопруга на Хамсун, Мари, преку чие незадоволство од животот со „генијот" ни станува појасен неговиот карактер, себичен и желен за изолација, карактеристики кои на крајот и ќе доведат до неговите наивни но опасни ставови во врска со нацизмот. Филмот почнува во 1935, кога нивниот брак полека се распаѓа, нивните четири деца одамна се испратени од дома за да не му пречат на писателот во неговото творење, Мари се чувствува изневерено што нејзиниот сопруг не ѝ ја дал потребната поддршка за и таа да ја продолжи започнатата кариера на детски писател, и на врв на сето тоа, Хамсун полека но сигурно оглувува и е речиси невозможно да се комуницира со него. Борејќи се со творечката блокада која го мачи подолго време, тој главно седи во својата соба и игра пасијанс, додека не го повикаат, со удирање по цевките од парното, да слезе на вечера.
Во таква атмосфера почнува Втората светска војна, за која Хамсун дознава единствено од двата весника кои му ги доставуваат во сопчето. Нo Мари, откако ќе присуствува на говор на норвешкиот нацистички лидер Викун Квислинг, во кој тој ги слави семејните вредности и улогата на жената, ја пронаоѓа својата животна мисија - во Германија, на германски кој добро го владее за разлика од нејзиниот маж, на војниците на фронтот им чита извадоци од неговите дела, на тој начин покажувајќи ја солидарноста на семејството Хамсун со нацистичката кауза.
Иако Хамсун не е толку занесен како жена му, тој сепак помеѓу британскиот империјализам и германската висока култура ја бира втората, надевајќи се дека Норвешка во тоа, германско семејство, ќе има значајно место во новиот светски поредок. Поддршката ја дава јавно, преку написи во весници, во кои повикува младите Норвежани да не учествуваат во движењето на отпорот, и да не го жртвуваат својот живот џабе. Од друга страна, тој до надлежните постојано испраќа телеграми со интервенции, а во одлично доловената посета на Хитлер ја користи можноста на разговор со него лице в лице за да повика на разум во однесувањето со неговите сограѓани, кои норвешката нацистичка влада масовно ги убива и затвара ако не се од нејзина страна. Хитлер е скандализиран од ваквиот однос на негов потчинет, и иако на средбата успева да го задржи гневот, од тогаш натаму веќе не го „игра" Хамсун, кој останува да виси ни ваму-ни таму, во некој идеолошки вакуум, во кој е предавник и за едната, и за другата страна.
Војната во еден момент завршува, Хитлер е мртов, Квислинг стрелан, Мари и Кнут се уапсени, а нивниот имот конфискуван. Стар, глув и со нарушено здравје, тој не е веднаш суден, туку најпрво подложен на психијатриско вештачење кое изгледа дека трае вечно, а чија цел е да покаже дали е луд. Сосема свесен, елоквентен и во говорот и во пишувањето („Обраснати патеки" ја пишувал како и сите останати книги, на рака, со моливче), тој не само што не е со намалени ментални способности, туку е сосема свесен за своите постапки, за кои е подготвен да одговара. Она што тој не го знае е обемот на злосторствата на нацистите, за кои станува свесен дури кога во болницата му покажуваат снимки од „превоспитувањето на Евреите", односно од концентрационите кампови. Во нивна светлина некрологот кој Хамсун му го пишал на Хитлер по неговата смрт, нарекувајќи го „проповедник на евангелието на правичноста на сите народи", делува навистина страотно.
Судењето на Хамсун завршува само со парична казна, а тој живее уште неколку години после него, умирајќи во 1952, на 92. Човекот кој повлијаел на автори како Томас Ман, Кафка, Горки, Хесе и Хемингвеј, кој изјавил дека „Хамсун го научил да пишува", во книжевноста поборник на реализмот и одличен во психолошкото портретирање на неговите ликови, во животот се покажал како крајно наивен. Филмот е интересен токму заради ваквата поука - дека големите автори не се секогаш и големи луѓе, и дека и тие знаат да потклекнат пред животните предизвици, со лоши проценки, дела, или зборови.
Трејлер од филмот, за жал без превод, но колку да ја видите атмосферата и генијалниот вон Сидов