Хајл Хенк!: наци-писмата на Буковски кои всушност не се тоа

Истражувач на ликот и делото на Чарлс Буковски, пишувајќи книга за него, никако не можел да ги пронајде про-нацистички писма кои овој автор наводно ги пишувал во десно ориентираните весници во раните 1940-ти, a за кои кружеле гласови со децении. Кога на крај ги нашол, сфатил дека тие воопшто не се тоа.

Абел Дебрито е автор на „Чарлс Буковски: кралот на подземјето“, резултат на негово 15-годишно истражување, и уредник на шест збирки проза и поезија на овој автор. Во моментов е во печат „Каталог на обичното лудило“, првата био-библиографија на Буковски. 

Токму за оваа книга тој со години бил во потрага по наводни про-нацистички писма кои неговиот „субјект“ ги објавувал во периодиката на почетокот на 1940-тите. Копал низ библиотеките по физичките копии на книжевните списанија и весници од тоа време, очи му истекле разгледувајќи микрофилмови под лупа - ништо. Станал речиси убеден дека ова е некаква урбана легенда. 

Наскоро почнал да работи на проект на дигитализирање стотина списанија. Меѓу нив нашол броеви на Los Angeles Examiner, во кои претходни биографи на Буковски тврделе дека се наоѓаат писмата кои го поддржуваат Хитлер, иако никој од нив лично не ги имал видено. Пребарувањето со „Чарлс Буковски“ не дало реултати, но упорноста се исплатела - Хенри Ч. Буковски, помладиот дало три резултати во форма на спомнатите писма.

Всушност, не е ни чудо што никој претходно не ги нашол бидејќи списанието всушност било Los Angeles Evening Herald and Express, вечерно издание, погрешно тагирано како Los Angeles Examiner, кое било утринско. Во ретроспектива грешката е прилично очигледна, бидејќи тешко може да се замисли дека Бук би објавувал во нешто што излегува наутро.

Иако тврдењата за наци симпатиите на Буковски биле поддржани од неколку историчари на книжевноста, и тоа откако тој одамна бил починат, вистината е дека главниот човек кој радосно ја ширел оваа информација бил самиот Бук. Во интервјуа, песни, приказни и романи, тој не се срамел да зборува за нешто што го нарекувал „наци трип“. Ова го спомнува и на озлогласени касети со негови интервјуа снимени во средината и при крајот на 1970-ти од страна на негов тогашен биограф. 

Но она што никој не го забележал е дека Буковски ова свое алтер-его го смислил во сатирични и пародични цели. Во 1972 тој во разговор за списанието Stonecloud вели:

„Се преправав дека сум нацист од чиста досада. Се сеќавам еднаш се најдов во место во Лендејл во голем, мрачен подрум. Сите стоевме и го отпоздравувавме знамето, а еден тип стана и многу сериозно рече дека ќе го уништиме комунизмот. Но јас не бев дел од нив, ова беше само шоу“. 

Во краткиот расказ „Политика“, напишан во декември 1972, Буковски искажал сличен став:

„На Л.А. Сити Колеџ [кадешто студирал] пред Втората светска војна се преправав дека сум нацист. Едвај ги разликував Хитлер од Херкул и не ми беше ни гајле. Едноставно изговарав нешта што ми звучеа зли или манијакални. Си играв нацист но истовремено не ми беше гајле, ни за нацисти, ни за комунисти, ни за Американци“. 

Во 1963 малото списание „Аутсајдер“ му ја дало наградата „Аутсајдер на годината“ на Буковски, а и години подоцна тој бил на маргините на речиси сè, вклучително и на политиката. Тој сепак признава дека во овој период имал и следбеници - млади момци со проблеми кои се заколнувале пред американското знаме и понекогаш играле руски рулет. Секако, во градењето на персоната помогнал фактот дека Хенри Чарлс бил роден како Хајнрих Карл во Андернах, Германија, од татко Американец со германско потекло, кој служел во американската војска и останал во Германија по Првата светска војна. 

Секако, било можно Буковски просто да се премислил во 1970-тите, а најлесниот начин бил симпатиите кон нацизмот да им ги припише на младешката ексцентричност. Но трите пронајдени писма, кои ги пишувал токму како 20-годишник, не покажуваат такви сентименти. Тој бил против учество на САД во Втората светска војна, иако културолошки про-германски настроен поради своето потекло и сосема свесен за можноста од колонизација на Европа, и на светот, од страна на моќната Америка. 

Излегло дека иако писма кои се однесуваат на Германија и на војната на Буковски навистина постојат, муабетите за неговите нацистички симпатии треба еднаш засекогаш да бидат оставени на страна. 

извор 

11 март 2024 - 18:29