Аквадуктот во Сеговија, Шпанија, со своите 167 лакови направени од гранитен камен, е еден од најфасцинантните споменици кои ги имаат оставено старите Римјани низ нивната некогашна империја. Со него е поврзано локално „фаустовско“ предание, според кое една девојка-слугинка во богато семејство, која морала секој ден да се качува на планината за да наполни вода, направила договор со ѓаволот тој да изгради некаков објект кој би ја пренесувал водата за таа да не се мачи. За возврат, доколку успее да го доврши аквадуктот пред мугри, тој ѝ ја побарал душата. Девојката се согласила, но кога ѓаволот и неговите помошници почнале со работата се покајала, почнала да се моли и веднаш отишла кај свештеник да се исповеда. Кога ѓаволот го поставувал последниот камен, се слушнал гласот на петелот, што значело дека тој ја загубил кладбата.
Неодамна градот нарачал бронзена скулптура на ѓаволот од легендата, но тој испаднал малку посимпатичен отколку што требало. Повеќе од 5.400 луѓе (над 10% од населението во градот), главно католици, потпишале петиција за нејзино отстранување, а судија наредил делото да биде привремено покриено додека не се донесе конечна одлука за неговата судбина. Причина за реакцијата е тоа што ѓаволот е прикажан на „весел“ начин, правејќи селфи со мобилен во раката, и како таков дава погрешна претстава за злото на младите.
Уметникот, Хозе Антонио Абела, бил целосно затечен од развојот на настаните, сметајќи дека коментарите не се фер, и дека само сакал да оддаде почит на својот град. Ама бидејќи ѓаволот ни ора ни копа, ништо чудно да замешува прсти и во дизајн на скулптури, особено во оние на кои треба да е претставен неговиот лик.