Честа на Сталин, да биде прогласен за „водач на народите“ и почесен поглавар, му била направена од Индијанската конфедерација на Америка, која се состоела од 27 племиња од САД, Канада и Централна Америка. Тие му подариле и перјаница, украсена со ленти, монистра и парчиња платно. Согласно традицијата на домородните народи на Северна Америка, таа означувала не само статус на воен лидер, туку поседувала и духовна и заштитна моќ.
„Имаше многу кандидати, но Сталин е одбран како исклучителен воен водач за 1941“, му напишал Едвард Картер, претседателот на организацијата Воен спас за Русија, на советскиот амбасадор во САД, Константин Умански.
Личното доделување на перјаницата за жал не било можно. Имало уште многу до крајот на Втората светска војна, па Пол Хорн („Паднатото дрво“), главен на спомнатата конфедерација и поглавица на Ирокезите, му го дал подарокот на Едвард Картер, кој пак бил занаетчија на бруклинското пристаниште и член на синдикатот, со задолжение да ја пренесе до добитникот.
Церемонијата се одржала во февруари 1942 во Њујорк со сите индијански адети. Њујорк Тајмс го цитира Пол Хорн како вели: „Му ја доделуваме оваа перјаница на Сталин како симбол на нашата сплотеност во борбата против Хитлер“. Присутните новинари го замолиле Картер да ја стави на себе, но тој одбил со зборовите: „Никому не му е дозволено да ја носи, освен на поглаварот Сталин“.
Иако сите американски медиуми ја пренеле веста, немало соопштение дали на Сталин му се бендисал подарокот. Сепак, на 9 декември 1944 неговиот секретаријат ја предал перјаницата на Државниот музеј на револуцијата. Во моментов таа се наоѓа во Музејот на современата историја на Русија, наследник на претходниот. За неа се дозна на 75-годишнината на прославата на Големата победа, кога музејот почна да објавува подзаборавени или сосема непознати артефакти од својата збирка.