Големата кражба на полио вакцини од 1959

Еден настан од пред повеќе од 60 години покажува колкав е ризикот од лошо организиран процес на вакцинација, кој овозможува секакви манипулации. Во случајов кражба на вакцини, која чинела голем број загубени животи. 

Летото 1959 низ Канада се ширела последната голема епидемија на полиомиелитис. Најголем број случаи имал Квебек, со над илјада заболени и 88 смртни случаи. Болеста можела да предизвика доживотна парализа и била смртоносна за 5% од заболените.

Иако имало вакцина, во Канада во тоа време постоеле само две лаборатории кои ја произведувале. Ова правело голем притисок врз здравствените власти, со оглед на тоа што населението во километриски редици чекало, дури и на дожд, за да биде вакцинирано.

Веќе во август Монтреал бил очаен за повеќе вакцини, па веста дека пристигнува цел контигент црвено обоени ампули со вакцини од Конат Лабс - поголемиот од двата производители - била дочекана со олеснување. Станувало збор за количество доволно за целиот град, а вишокот бил планиран за дистрибуција во внатрешноста.

Но со оглед на бараноста на вакцината не е ни чудо што некои луѓе биле подготвени на порадикални чекори. Еден човек по име Жан Пол Робинсон, привремено ангажиран за транспорт на вакцините помеѓу различните клиники, не можел да одолее на искушението. Тој знаел дека има недостаток од нив и дека луѓето се очајни. Исто така знаел каде биле складирани истите - на Микробиолошкиот институт при Универзитетот во Монтреал.

На 31 август 1959 во три часот наутро, Робинсон и двајца негови соработници упаднале на универзитетот, вооружени со револвери. Најпрвин го заклучиле ноќниот чувар во кафез со 500 лабораториски мајмуни. Потоа го скршиле катанецот на големиот фрижидер и ги собрале сите вакцини - 75.000 ампули со вкупна вредност од 50.000 долари (денешни 500.000). Робинсон имал изнајмен празен стан и таму го складирал пленот.

Настанот ја шокирал јавноста. Следниот ден градот објавил дека вакцини веќе нема. Новинарите ја искористиле ситуацијата, објавувајќи изјави на очајни мајки кои залудно чекаат пред амбулантите.

Полицијата го распрашала чуварот, кој не знаел да ги опише крадците бидејќи тие носеле хулахопки на лицата. Но од разговорот сфатил дека барем еден од нив „имал медицинско знаење“. Додека траела полициската истрага, Робинсон се мачел да најде начин да ја одржува вакцината - го наполнил фрижидерот во станот (една полица сочувал за пиво), но голем број кутии едноставно биле оставени на подот, на собна температура. Продал само 299 ампули на една аптека за 500 долари (кои биле пронајдени од страна на полицијата, но без подетална информација од каде дошле). Кога сфатил дека работата не ја бива, и дека секое понатамошно продавање ќе претставува голем ризик, тој самиот и јавил на полицијата каде се лоцирани ампулите. Тие ги нашле, но пред да можат да се употребат истите морале да бидат тестирани - процес кој можел да трае и до два месеца. На крај се покажале употребливи, но дури во октомври, што значело долго загубеновреме. До тогаш вакцини едноставно немало.

Јавноста била згрозена и крајно гневна и кон властите и кон крадецот. Зголемениот притисок довел до потрага по Робинсон кој бил идентификуван од чистачот на зградата во која бил станот-складиште. Бил откриен по три недели како се крие во амбар на некоја фарма.

Започнало судење, но било толку лошо водено, што Робинсон имал лесна задача да се одбрани. Тврдел дека е само загрижен граѓанин кој се обидел да ги одземе украдените вакцини од вистинскиот криминалец - мистериозен човек по име Боб. На крај судот донел пресуда, дека иако приказната на Робинсон е „чудна и пренапумпана“, не постојат доволно докази за тој да биде осуден.

Денес, додека милиони луѓе чекаат на вакцината против Ковид-19, оваа приказна покажува колку можат да бидат големи последиците од дезорганизирана и лошо планирана програма за вакцинација, од која можат да профитираат сите оние кои би нашле „дупка“ во системот.

извор

24 февруари 2021 - 17:04