Во книгата „Прекрасни губитници“ на Леонард Коен, во еден пасус се вели:
„Зборот апокалиптично има интересни корени. Потекнува од грчкото apokalypsis, што значи откровение. Изведен е од грчкото apokalyptein, со значење да се разоткрие, односно обелодени. Сроден е со kalybe, што значи колиба и kalymma, што значи женски вел. Значи апокалиптичното го означува она што се открива кога ќе се подигне велот од женско лице“.
Се потсетивме на ова кога во новиот број на Економист наидовме на нова книга посветена на катастрофите и апокалипсите, но во сосема поинаков клуч од оној на кој сме навикнати. „Големиот изедначувач: насилството и историјата на нееднаквоста од камено доба до 21 век“ на Волтер Шидел, објавена од Универзитетот Принстон, на 504 страници ги анализира оние историски периоди во кои економската, социјалната и друга нееднаквост била барем за момент нивелирана, ама не од арно, туку од лошо.
Само четири нешта, според Шидел, предизвикуваат нивелирање од поголем размер: 1) епидемии и пандемии, како на пример големата чума, која ги променила вредностите на имотот и на трудот во доцна средовековна Европа, 2) целосен колапс на држави и на економски системи, како на пример пад на кинески династии или дезинтеграција на западното Римско царство, кога иако сите се осиромашени, богатите губат најмногу, 3) револуции, како онаа руската или кинеската, и 4) војни кои подразбираат масовна мобилизација, како двете големи војни на 20-тиот век.
И тоа е отприлика сè што се однесува до надежта за утописка еднаквост. Финансиските кризи можат привремено да ја намалат нееднаквоста, но за кратко време неа можат уште повеќе да ја продлабочат. Политичките реформи се главно нееефикасни, делумно затоа што често се насочени кон балансирање на моќта помеѓу крајно богатите и политички моќните, без да ги земат предвид оние кои го немаат ни едното ни другото. Земјишните реформи, отпишувањето на долгови и ослободувањето на робови не придонесува многу кон оваа идеја, освен во ситуации кога има насилство. Доколку е масовно, баш апокалиптично, тогаш и тоа може да влезе во списокот „големи изедначувачи“.
20-тиот век бил доба на зголемена демократизација, токму заради војните - демократијата според авторот всушност била цената која елитите ја платиле за соработка на неаристокрасите класи во масовното војување. Но во поинакви, мирнодопски услови, демократијата нема јасен ефект врз нееднаквоста. Вакви нивелирања кои се предизвикани од катастрофи ќе бидат поретки во иднина. Пандемиите се реален ризик, но такви „чуми“ какви што имало не се. Ниту пак се реални војни и револуции кои би ги воделе милиони луѓе. Освен тоа, Индустриската револуција довела до пораст на генералниот просперитет, и иако нееднавост се уште постои, јазот е намален.
Сепак, изненадувањата се можни. На пример ако економски сè позначајните не-човечки интелигенции решат да се еманципираат и да немаат човечки господари. И доколку тие, или некој од човечки вид, со технологијата за уништување којашто стои на располагање, одлучи да направи навистина големо нивелирање, во кое сета цивилизација ќе се претвори во пепел.