Гледанка

„Бикини мун“ (2017)

Веројатно немаше подобар начин да се отвори премиерата на новиот филм на Милчо со двете девојчиња од првиот дел на претходниот, „Мајки“. И не само затоа што на тој начин го видовме времето што поминало отелотворено во нив, туку и затоа што „Мајки“ во голема мерка беше предвесник на прашањата кои „Бикини мун“ доследно продолжува да ги истражува.

„Дамите имаат предност“ (Ladies first, 2018)

Краток документарец чија премиера на Нетфликс се случи на 8 март, зборува за некогашната светска шампионка во стреличарство и нејзината неверојатно инспиративна приказна. Во која дамите немаат секогаш предност.

„Кукавица“ (Kukushka, 2002)

Филм во кој од сите ликови, вие - гледачот - сте единствениот што знае што навистина се случува и на тој начин му давате смисла. И таков кој треба да се гледа најмалку два пати, еднаш со титл, и еднаш без него. За да се сфати немоќта на зборовите, а моќта на неизговореното.

„Пост“ (The Post, 2017)

Oд моментот кога Спилберг го прочитал сценариото, до премиерата, поминало помалку од една година. Итноста на темата, за републикански претседател кој води војна со медиумите, ги мотивирало сите во екипата не само да побрзаат, туку и одлично да ја завршат работата. 

„Обликот на водата“ (Shape of Water, 2017)

Дел Торо навистина има супер-моќи, да ве заведе и нурне во друг свет, во кој единствените важни облици се оние на љубовта. 

„Бегај“ (Get Out, 2017)

Филмот кој од нејасни причини беше номиниран за Златен глобус во категоријата „најдобар мјузикл или комедија“, жанровски е веројатно најблиску до социјален трилер или хорор сатира на расизмот. Но според режисерот Пил, кому ова му е дебитантски филм, „Бегај“ (двосмислено, и како предупредување, и како навреда) е - документарец.

„мајка!“ (2017)

Веројатно најдобриот опис на „мајка!“ има дадено Кол Нидхем, основач и извршен директор на IMDb: „Ова е како Шредингеров филм. Во кутијата има дело кое е истовремено и многу добро и многу лошо“. Работата е да се осмелиш да ја отвориш кутијата и да процениш со свои очи.

Букбокс гледаше: „Исончаност“ (Suntan, 2016)

Грчки филм, кој неправедно е класифициран како комедија. Во него нема речиси ништо смешно - се работи за мрачна драма, која иако почнува лефтерно, полека но сигурно преминува во мачнина. И тоа не затоа што филмот е лош, напротив, затоа што е многу добар.

„Исцелител“ (2017)

Приказна за дечко од Автокоманда и неговиот татко болен од рак, кои можат да бидат кои било татко и син, од која и да е земја, во која луѓето од маргините се препуштени сами на себе. Топла и хумана, како тукушто испечен домашен колач. 

„Сосема ново Свето писмо“ (Le tout nouveau testament, 2015)

Kуп претходни филмови кокетирале со верска сатира, Го замислувале и Го карикирале, и низ смеа поставувале заебани животни прашања. Ама заборавете го Брус Олмајти, за него семожниот Бог од овој филм е - Господ!

„Нељубов“ (Nelyubov, 2017)

Уште еден одличен филм на Звјагинцев по „Враќање“ и „Левијатан“, после кој не можете веднаш да одлучите како се чувствувате, и дали и што сте научиле од неговата морничава приказна. Отприлика исто како и сите ликови во него, кои никако да излезат од лимбото на нељубов, и одлучно да пресечат - или вистински и пожртвувано да сакаат, или барем активно да му се спротивстават на она што го мразат.

„Средиштето нема да издржи“ (The Center Will Not Hold, 2017)

Документарен филм за Џоан Дидион, денес 82 годишна, сè уште луцидна старица, некогаш тигрица во светот на „новото новинарство“, која своите животни премрежја ги претвори во инспиративна приказна.  

„Уште еднаш со чувство“ (One More Time With a Feeling, 2016)

Има еден момент во овој тежок но убав документарец, снимен откако Кејв го загуби синот Артур, во кој тој зборува за „еластичноста“ на времето по доживеана траума. Како да си врзан со гумена лента за трауматичното искуство, ја влечеш како што Сизиф го туркал каменот, но колку и да успеваш да се оддалечиш од него, во еден миг снеможуваш и лентата те катапултира назад. И потоа, од почеток. Филмот, и албумот на чиешто снимање е посветен, е такво ризично играње со катапултот на емоциите, при што секој си ја влече својата лента.

„Човекот-делфин“ (2017)

Нов документарец за човекот кого го памтиме од „Големото синило“ на Бесон - нуркачот Жак Мајол, кој наскоро ќе биде прикажан во рамки на Македокс и во Македонија. 

„Проектот Ним“ (2011)

Документарец кој го следи животот и делото на шимпанзо по име Ним Чимпски, кој заради научен проект е растен како човечко дете. На крајот од мачната приказна излегува дека таа е повеќе за луѓето околу него, кои се вистинските „мајмуни“.

„Големи мали лаги“ (Big Little Lies, мини-серија, 2017)

Тоа дека серијава е за група богати американски мајки и нивните проблеми сигурно не е баш некоја реклама за неа. Но под површината на совршениот свет на Монтереј, Калифорнија, лежат куп трауми, тензии и лаги чие разоткривање е и болно и катарзично. Особено со таков актерски кастинг и со таква музика.

Букбокс гледаше на Македокс: „Avec l'amour" (2017)

Не се сеќавам кога последен пат сум присуствувала на искрени стоечки овации по завршување на проекција, а камоли да се работи за документарец. Ама и тоа се случи, на домашната премиера на овој во основа неамбициозен, но крајно „фил гуд“ македонски филм, правен со многу љубов. И ова не е лажна вест.

Букбокс гледаше: „Арогантна чавка“ (Upstart Crow, 2016)

Од перото на Бен Елтон, авторот на антологиската „Црна гуја“, пресмешна мини-серија за Шекспир, која е одлична алатка за привлекување средношколци и студенти по англиски кон неговиот лик и дела. Затоа што иако е хумористична, таа е сепак историски и книжевно издржана.

Три бугарски филмови: „Стапки во песокoт“, „Love.net" и „Лекција“

Договорот за меѓусоседски односи бил реформаторски. Договорот бил предавнички. Имплицитно се подразбирал еден народ. Не, „народи“ биле во множина, значи се два народа.

Букбокс гледаше: Halt and Catch Fire (серија, 2014-)

Стандардното резиме на серијава како „инсајдерски поглед во револуцијата на персоналните компјутери“ може многумина да наведе на погрешен пат, дека за да ја гледаш треба да знаеш нешто за кодирање и програмирање. И не дека тоа не е плус, но главни во неа се сепак крајно привлечните ликови и нивните заебани меѓусебни односи.

„Тампопо“ (Глуварче, 1985)

Што се случува кога ќе се спојат јапонска комедија, филозофија и еротика со храна? Откачен филм после кој сигурно ќе почнете да пребарувате рецепти за „рамен“.

„Никој од никаде“ (Un illustre inconnu, 2014)

Матју Касовиц го памтиме од „Амели Пулен“, од „Амин“ на Коста Гаврас или „Минхен“ на Стивен Спилберг. Го знаеме и како сценарист и режисер на суровиот „Омраза“ со Винсент Касел. Ама во овој филм тој има тешка задача - да игра некој кој е никој и ништо.

„Откритието“ (Тhe Discovery, 2017)

Некако се навикнавме на големи, скапи научно-фантастични филмови во кои се комбинираат технолошки со лингвистички, антрополошки и филозофски прашања (Interstellar, Gravity, Arrival). Ова е сличен, но многу понеамбициозен обид, за одговор на прашањето - има ли живот по смртта?

„Хорас и Пит“ (2016)

Серијата во десет продолженија за семејство кое држи бар со стогодишна традиција во Њујорк најпрвин изненадува затоа што е со Луи Ц.К. а не е комедија. Ако го надминете ова првично изневерено очекување, може да се фатите како уште некоја минута по завршувањето на секоја епизода зјапате во затемнетиот монитор, размислувајќи за смислата на животот. А признајте, од кога не ви било така?