Џејмс Лорд, новинар и хроничар на уметноста на 20 век, често се спријателувал со оние за коишто пишувал. Во 1964, во Париз, тој се среќава со славниот италијанско-швајцарски скулптор и сликар Алберто Џакомети, кој му нуди да му изработи портрет. Поласкан, Лорд прифаќа. „Ќе ни требаат максимум два-три часа“, му вели Џакомети. И овој му верува.
После две недели секојдневна работа, вкочанет ’рбет од позирање, многу пцуења и префарбувања на сликата дури и кога таа изгледа совршена, портретот не е мрднат од мртва точка.
Но она што напредува притоа е пријателството на Џакомети и неговиот „субјект“, кој почнува да навлегува во интимата на уметникот, кој постојано се преиспитува и самокритикува. Притоа, воопшто не му значат милионите кои ги заработува по светските галерии (една од неговите познати издолжени скулптури е продадена за 141 милиони долари) - новчаниците кои ги добива „од око“ ги дели со брат му Диего, ги троши на проститутки, а остатокот ги крие по ќошиња во хаотичното студио, за потоа да не може да ги најде. Најголем трошок му претставува омилената сексуална работничка, Каролин, на која, по нејзина желба, ѝ купува црвено БМВ (со згрешени кожни црни, место бели седишта). Истовремено, плаќа огромна сума на нејзините макроа, и за сексот и за сесиите во кои таа му позира (при што првата ставка по нивна логика треба да е повисока, а по негова - обратно). Сето ова стоички мора да го издржи сопругата на Џакомети, Анет, која и покрај сè му е лојална.
„Последен портрет“ е еден од оние филмови кои обично се нарекуваат „мали“ заради нивниот минимализам и амбиции. Можеби „камерен“ би бил подобар опис, со оглед на тоа што тој главно се одвива во студиото на уметникот. Иако трае само 90 минути, тоа што некои сцени се речиси идентични (човекот позира, па Џакомети се нервира, па сè од почеток), изгледа дека трае подолго. Но токму тоа веројатно е и целта - да ја деконструира романтичната идеја за „генијалниот уметник во акција“, а наместо тоа да го прикаже како кршлив човек со сомнежи, фрустрации и залудна желба за перфекција. „Ниту еден портрет“, вели тој на неколку пати во филмот, „не е до крај завршен“. Освен овој, кој излегува дека е негов последен, бидејќи набргу по седечките сесии со Лорд, Џакомети умира.
Режисерот и сценарист Стенли Тучи, попознат како актер, веќе има еден таков „камерен“ и „мал“ но одличен филм, „Големата ноќ“, кој раскажува приказна за двајца браќа на денот на отварањето на нивниот нов ресторан. Овој филм е адаптација на мемоарот за позирањето на Џејмс Лорд, под наслов „Портрет од Џакомети“, а е направен во соработка со Фондацијата на Џакомети во Париз, која инсистирала по снимањето да бидат уништени сите реплики на неговите дела, за тие да не завршат на црниот пазар.
Ова е втор филм на Раш во кој тој портретира откачен гениј - првиот пат, кога го доби Оскарот, го играше пијанистот Дејвид Хелфгот во „Шајн“. И тука, исто како и таму, е брилијантен (плус необично личи на Џакомети), па ништо чудно да биде и овој пат номиниран за некоја награда. Иако неговата улога некако штрчи во целиот контекст на филмот, кому сепак му фали возбуда.