За биографијата „Бесмртниот живот на Хенриета Лакс“ на Ребека Склут од 2010, пишувавме пред некоја година во контекст на неделата на забранети книги во САД. Тогаш таа, иако на широко фалена заради прашањата кои ги допира - раса, етика во науката, актуелизација на историски маргинализирани ликови - од страна на една агресивна мајка на 15-годишен средношколец беше наречена „порнографска“, и беше барано нејзино отстранување од наставните програми.
И ова не беше прв обид ликот на Хенриета Лакс да се потисне од историската меморија. А таа - сега актуелизираната историја - вели дека во 1951, откако родила пет деца, Лакс открила дека има рак на матка, од што умрела на само 31 година. Без нејзино знаење, лекарите при аутопсијата зеле ткиво од туморот кој ја убил, и од него одгледале таканаречена „клеточна линија“, врз која медицинската индустрија можела бесконечно да експериментира на начини на кои тоа не било дозволено да го прави врз луѓе. Така ХеЛа клетките станале клучни за напредок во третирањето на полио, Паркинсонова болест, леукемија, сида. Но долго време не се знаело дека зад овој назив стои име на конкретен човек, црна жена од Вирџинија.
Спомнатата книга, а сега и филмот направен според неа, се обидува да ја раскаже приказната од аспект на една од ќерките на Хенриета, Дебора Лакс, која ја игра Опра Винфри. И тоа, актерството на Опра, е реално единствената добра вест во врска со филмот - секој кадар во кој е таа е набиен со енергија, бунт и емоција, за разлика од сите други кои делуваат бледо и несигурно за што всушност се работи во филмот.
Голем број гледишта се испомешани - она на авторката на книгата, во филмот се уште само новинарка во потрага по информации која се обидува да се приближи на семејството и да ја стекне нивната доверба. Она на секој член од семејството поединечно (двајцата браќа и снаата), она на докторите и она „реалното“, драматизираните сцени од животот на самата Хенриета. Секоја од овие приказни би можела да функционира засебно, и да има многу посилен ефект, отколку просечен ТВ филм, каков што е конечниот резултат. Истовремено, темата која би можела и би требало да биде централна - односот на истражувачкиот тим од универзитетот Џон Хопкинс кон своите „субјекти“, сиромашни и најчесто црни луѓе кои немале поим што им се прави и зошто („и онака не би разбрале“ - како што вели еден од докторите во филмот) се губи во целото тоа мноштво гласови, во кое доминира приказната за ќерка која сака да ја дознае вистината за мајка си и исчезната сестра (која страдала од душевни проблеми и на рана возраст починала во психијатриска установа), приказна која до крај не останува разјаснета.
Но најголемиот „грев“ што го прави филмот е истиот оној кој го прави спомнатиот доктор. Потценувајќи ја публиката која можеби не би разбрала што е тоа „клеточна линија“ и каква врска имаат клетките на Хенриета со здравјето на секој од нас, тотално го заобиколува научното објаснување на целиот феномен, заменувајќи го со стереотипни сцени на ѕиркање низ микроскоп и викање „вау“ на глетката, или со наводно емоционално набиеното проектирање на слики од клетките на Хенриета врз телата на Дебора и нејзиниот брат, за демек да го отслика фактот дека дел од мајката се уште живее во нив. Така, човек по завршувањето на филмот мора да гугла сам или да прашува кај поупатени за што станува збор. И не дека се очекува од игран филм да биде и научно-популарен, но кога станува збор за ваква тема тоа може само да биде предност и начин да се образува публиката, без да ја боли. Вака, изгледа ќе треба да се направат уште филмови (и книги) за подобро да ја разбереме приказната за ХеЛа.