Почнува како сатирична, научно-фантастична комедија, за револуционерен метод на смалување на животни и луѓе, од метар и кусур на околу 13 сантиметри, во име на одржлив развој и екологија. Но тој станува популарен поради сосема други причини: ако во светот на големите си имал просечни примања, истите тие во светот на малите вредат милиони. Ако си живеел во куќа под хипотека, тука можеш да живееш (буквално) во замок со минијатурни слики од Климт и Ван Гог по ѕидовите, со бесплатен превоз и здравствена заштита. Сè што е потребно е на тоа да се согласиш, да ти вбризгаат инекција и да се префрлиш во една од луксузните заедници на малите луѓе, со сите елементи на утопија - безбедност, богатство, чистота, и за оние кои и онака биле добростоечки во другиот свет, ниту еден час работа.
Пол Сафранек (го игра Мет Дејмон) на почетокот е еден од скептиците. Но само до моментот кога тој и жена му Одри сфаќаат дека не можат да си дозволат повеќе од она што веќе го имаат. На забава по повод годишнина од дипломирањето, тие се среќаваат со некогашни колеги кои „смалени“ конечно си ја нашле среќата.
Откако им влегува чивијата, Пол и Одри одлучуваат да го направат големиот чекор. Процедурата и буквално изгледа како иницијација, во некаков верски култ или сурвивалистичко движење, која се одвива во клинички-бели простории, со целосно отстранување на влакната (да, и на веѓите), вадење на пломби и вештачки заби и успивање.
До тука (првиот час) филмот е одличен - забавен, консеквентен, поттикнувачки. Она што следи е голем пад во темпото, атмосферата и сценариото, кое навлегува во сериозна социјална критика, но без вистинска подлога. Сфаќаме дека во тој „храбар нов свет“ всушност ништо не е променето освен размерот - „големите риби“, иако физички смалени, се сè уште такви, бескрупулозни, загазени во криминал, алчни по профит. „Малите“ луѓе како Пол и како куп маргинализирани групи (затвореници, политички дисиденти, мигранти) кои се насилно смалени од тоталитарните политички режими, повторно живеат речиси исто онака како и претходно. Тој работејќи во „кјубикал“ во повикувачки центар, а неговата нова пријателка, Виетнамката Нок Лан Тран која пребегнала во САД криејќи се во телевизор, во типично сиромашно предградие, каде нејзините соседи немаат здравствена заштита и јадат остатоци од ресторани.
И покрај одличната актерска екипа, која покрај Мет Дејмон ги вклучува и Кристоф Валц (во улогата на богатиот мафијаш Душан со презиме на -иќ) и неговиот бизнис партнер кого го игра Удо Кир, а особено поради славното име на режисерот, Александар Пејн (истиот на одличните „За Шмит“, „Сајдвејс“ и „Небраска“) крајот на филмот прави да се чувствувате изневерено - дека тука некој избрзал и не ја завршил работата до крај. Светот оди во бестрага, и очигледно ни смалувањето на луѓето во смисла на физичко присуство и потреби не би можело да го реши проблемот. „Премалку и предоцна“, вели пронаоѓачот на методот на „смалување“, норвешкиот Нобеловец, кога подготвува дел од неговите први смалени субјекти, меѓу кои спаѓаат и тој и жена му, да ја дочекаат апокалипсата во некаков бункер. Дали е тоа вистинскиот начин да се помогне светот да стане подобар, или со тоа што ќе се живее тука и сега, обидувајќи се барем да ги намалиме не само нашите потреби, ѓубрето и трошоците, туку и нашата суета, алчност и желба за моќ? Фина поента, разводнета во филм кој од одличен на средината преминува во сосема просечен.
Еве како се снимание некои од сцените: