Ли Израел ja почнала кариерата како хонорарен новинар во 1960-тите, а еден од нејзините први текстови бил профил на Кетрин Хепбрн со која имала и лична комуникација. Следните две децении се посветила на пишување биографии, меѓу кои и онаа на славната Есте Лаудер. Книгата се нашла на листата на најпродавани на Њујорк Тајмс меѓу другото и поради нејзината контроверзност - во неа се дискредитирани изјавите на бизнисменката дека имала европско аристократско потекло и дека редовно одела во црква. Таа наводно ѝ понудила пари на Израел за да ја повлече книгата пред објавувањето. Но кога таа одбила, Лаудер самата напишала автобиографија и го темпирала нејзиното излегување така да се поклопи со книгата на Израел, која била дочекана на нож од критиката и претставувала комерцијален неуспех.
Така, во 1992, кариерата на Израел во светот на „убавиот збор“ завршила. Пробала да се издржува со канцелариска работа, но парите главно ги пиела, а не помагало ни тоа што како табиет станала уште потешка и цинична. Нејзиниот агент веќе не ѝ кревал телефон, а сметките за кирија се трупале.
Токму во ваков момент нè внесува филмската верзија на ликот и не-баш-славното дело на Ли Израел филмот направен според нејзините мемоари „Ќе може ли некогаш да ми простиш?“ во која неа ја игра брилијантната Мелиса МекКарти. До сега позната по нејзините комични улоги во ред филмски хитови кои поради неа добиваат посебен квалитет (го имаме гледано The Heat каде глуми со Сандра Булок веројатно дваесет пати), сега таа ја добива својата прва шанса во светот на драмата, која до крај ја искористува, заработувајќи и номинација за Оскар. Дека ќе го добие во конкуренција на поизвиканите Глен Клоуз или Лејди Гага, во тоа искрено се сомневаме, но без оглед на тоа, нејзиното портретирање на Израел во нејзиниот стан полн бубашваби и мачешки измет е за паметење.
„Плот твистот“ се случува кога таа, сфаќајќи како стојат работите во квази-елитистичкиот свет на љубителите на книжевноста од високото добро утро, ќе почне да го врти во своја полза нивниот фетишизам. Откако еднаш ќе ѝ успее да продаде оригинална пишувана белешка која ја има добиено од Хепберн, почнува да штанца фалсификати од славни писатели, имитирајќи го нивниот стил и потпис. Така на некој извитоперен начин тие фалсификати стануваат нејзините книжевни дела, кои овој пат дебело се наплатени.
Во измамата таа почнува да користи и случаен познаник, кого во филмот го игра исто така одличниот Ричард Е. Грант, кој е номиниран пак за Оскар за машка споредна улога. Двата лика се истовремено толку одбивни, а и толку хуманизирани што човек не може а да не навива за нив. И кога агентите на Еф-би-ај после 400 фалсификувани писма, меѓу кои и такви на Дороти Паркер (американска писателка, авторка на сценариото на оригиналниот „Ѕвездата е родена“ од 1937), и на
Ноел Кауард (драматург, сценарист и композитор, автор на Маd About the Boy), успеваат да ја разоткријат, изгледа дека дури и продавачите на „меморабилија“ се разочарани што илузијата (а и нивниот бизнис) е распрсната.
Израел починала во 2014 во Њујорк. Според некролозите живеела сама и немала ни деца ни контакт со роднини. Сакаме да му веруваме на филмот дека земала барем нова мачка.