Антонија Луиза Брико, родена 1902 во Ротердам, како мала била посвоена од родители кои мигрирале во САД кога таа имала шест години. Во 1919, кога се запишала на Универзитетот Беркли за да студира уметност, веќе била успешна пијанистка, и имала искуство со диригирање. Во 1927 успеала да влезе на Берлинската државна музичка академија, и по две години го завршила мастер-класот за диригирање, како прва Американка која го сторила тоа. Ментор ѝ бил Карл Мук, диригент на Хамбуршката филхармонија, со кого продолжила да вежба и три години по завршувањето на студиите.
По дебито на 28-годишна возраст како професионална диригентка со Берлинската филхармонија, таа продолжила да работи со повеќе меѓународни оркестри, добивајќи одлични критики и големо медиумско внимание. Критичар на Алгемајне Цајтунг напишал дека таа „поседува повеќе способност, интелигенција и музички талент отколку некои нејзини машки колеги, кои ни досаѓаат во Берлин“. Во 1938 станала првата жена која диригирала со Њујоршката филхармонија, а во текот на долга европска турнеја, на која настапувала и како пијанистка и како диригент, била поканета од композиторот Јан Сибелиус да работи со Хелсиншкиот симфониски оркестар.
По враќањето во САД се обидела да добие постојана позиција во реномираните оркестри, но кога не успеала во тоа формирала сопствен, за инает целосно женски симфониски оркестар. Продолжила да работи и како педагог, и како поддржувач на полупрофесионални музичари. Никогаш не се омажила и немала деца, а нема многу податоци ниту за нејзиниот приватен живот. Во 1974 е снимен едночасовен документарец базиран на нејзината биографија (тука за гледање онлајн, малку шантрив звук), а во 2018 и овој холандски игран филм, „Диригентката“.
За разлика од сликата која ја добиваме за Брико од историските извори, како за бескомпромисна, преталентирана жена, одлучна да руши бариери во машкиот свет на раниот 20 век, во филмот таа е претставена како ренесансно убава, кршлива и претрапава крај пијаното и со диригентската палка, дури и за неупатените во овој занает. Инсистирањето на љубовната приказна со пребогат и презгоден аристократ, чијашто помош и контакти во високите кругови излегуваат клучни во критични моменти, ги разводнуваат нејзините постигнувања. Некако премногу доаѓа и приказната за нејзиното пријателство со маж - сопственик на квир кабарето каде Брико свири на пијано за да преживее - кој исто така финансиски ја помага додека таа е во Берлин, а кој потоа излегува дека е жена.
Кога на сето ова ќе се додадат и сцените во кои таа си ја бара биолошката мајка среде католички манастир и притоа наидува на нејзината исто така замонашена тетка, филмот забегува во правец кој го одзема вниманието од главното - местото на Брико во светската музичка историја. Неговиот дизајн придонесува за чувството на мелодрама, со сите тие сфумато измаглици и сенки, кои можеби требало да асоцираат на холандското сликарство, ама наместо тоа изгледаат како евтини реклами за парфем. Врвот е постигнат на крајот на филмот - батлерот на тој згодниот богаташ, кој во меѓувреме се ожени, а кој заради нешто мора да е Азијат, јаде со стапчиња (исто како и Брико на почетокот на филмот), тоа на дечково му асоцира на диригентска палка, и така одлучува сепак да замине на првиот концерт во Америка на неговата некогашна љубов. Плус, дознаваме дека и синот го крстил Вили, како што се викаше Антонија пред да си го открие вистинското име.
Се надеваме дека некој, некогаш, ќе ѝ го оддаде вистинското признание на оваа жена, со поасален филм и со поубедливи актери, а секако и со подобар диригент-режисер, без оглед дали ќе биде маж или жена.