Букбокс гледаше

„Не се секирај, нема далеку да стигне пешки“ (2018)

Адаптација на истоимениот мемоар на цртачот Џон Калахан од 1989, ова е приказна за зависноста, физичкиот хендикеп и патот до смислата во 12 и повеќе чекори. Кои треба да се изодат пешки.

Џон Калахан (Жоакин Феникс) е црвенокос фраер во ѕвонарки од Портланд, Орегон, кој пие до заспивање и се буди со алкохол. На забава запознава подеднакво луд лик, Декстер (Џек Блек), со кого цела ноќ лумпуваат, до моментот кога Декстер заспива на волан и удира во столб. Возачот поминува само со гребнатинки, но Џон е речиси целосно парализиран. Минува мачен процес на физичко закрепнување, но се приклучува и на група за откажување од алкохол. Приказната го следи процесот, неговите 12 чекори на отрезнување, под закрила на самопрогласениот, но мудар терапевт Дони Грин. Во меѓувреме открива дека и со она малку движења кои може да ги направи со рацете е способен да црта, и тоа одлични карикатури, често тотално политички некоректни, дури и кон оние со физички хендикеп. Но тоа - цртањето - како и љубовта и поддршката од блиските го одржуваат во живот.

Вистинскиот Џон Калахан, барем според фотографиите, личел на оној во филмот. Ја доживеал сообраќајката на 21 година, после што приказната течела горе-доле како и во екранизираната верзија. Пред да се фати за цртачкиот молив бил и музичар, па музиката и стиховите на саундрактот за филмот е базирана на неговата. Неговиот цртачки стил малку потсетува на Гери Ларсон (спомнат во филмот), но уште по „сиров“ и безобразен во изборот на темите и коментарите, заради што бил редовно одбиван од етаблираните медиуми (на пример од Њујоркер).

 

Првично, правата за адаптирање на неговиот мемоар биле откупени од Робин Вилијамс, кој бил и оној кој му понудил на Гас Ван Сант да го режира филмот. Не знаеме дали Робин планирал и да го игра главниот лик, но Жоакин Феникс одлично ја врши работата. Сепак, филмот има повеќе проблеми. Еден од нив, веројатно главен, е што не може да се реши која приказна ќе ја следи - дали онаа во која Џон си ја бара одамна загубената мајка, дали онаа за неговото отрезнување, или за откривањето на неговиот цртачки талент. Поради ваквата нерешителност ниту една од спомнатите наративни линии не е до крај убедлива, и содржи куп непотребни повторувања и дигресии. Кога и по четврт пат Џон ги набројува единствените четири нешта кои ги знае за мајка му, веќе ви е згасната и она малку емпатија кон неговата мака. А пак на оној неупатен во ликот и делото на вистинскиот Џон Калахан, моментот кога тој почнува да црта настапува пренагло и немотивирано, за дури при крај на филмот, кога тој се среќава со свој бивш наставник од основно, да стане јасно дека бил талентиран за цртање уште од мал.

Една од почудните појави е ликот на Руни Мара, Ану, која од негувателка на Џон станува негова девојка. Ренесансно преубава, таа долго време во филмот делува како вообразба на Џон, бидејќи ниту сценаристот ниту режисерот не се обидуваат да ни објаснат ништо за неа - која е, што бара во Портланд од Стокхолм, која е нејзината мотивација да остане со Џон, и зошто побогу мора да носи толку џиш униформи кога станува стујардеса?

Oд друга страна, непрепознатливиот Џона Хил во улогата на „гуруто“ на антиалкохоличарите е толку шармантен во својот „строг но правичен“ пристап и цитирањето на Лао Це, што на крај некако повеќе жалите за неговата трагична судбина отколку за онаа на Џон.

Средно добар филм но со одлична екипа и базиран на интересна вистинска приказна - доволно елементи за тој сепак да се гледа.

23 октомври 2018 - 12:55