Последни денови од Втората светска војна, некаде уџум, во Лапонија. Од една страна Германците и нивните сојузници Финците, чија „љубов“ е на стаклени нозе, бидејќи победата на Русите наближува, и Финска размислува да смени страна. Од друга страна советски партизани, со пресметки во сопствените редови, за тоа кој бил кодош, предавник, а кој вистински херој.
Како за пресвртен момент во светската историја, пејзажот е многу осамен и спокоен. Мирни езера, планини на кои само што не почнало да снежи. Среде таква идила, финскиот снајперист Вејко е врзан со синџир за карпа од страна на Германците, за да им чува „леѓа“ додека тие се повлекуваат, а истовремено да не може да им се предаде на Советите. Десетината минути кои следат лесно можат да поминат како кадри од документарец за преживување во природа - Вејко е и многу интелигентен, и вешт со своите две јаки раце да извлече најмногу од она што му стои на располагање. По два дена напорна работа околу клинот забиен во камен, окованиот Прометеј се ослободува.
Единственото место каде што може да се засолни е дрвена колиба на брегот на езерот, каде живее млада и убава жена, оставена сама откако мажот и бил земен во војска. Но Вејко таму наидува на советски војник, кого „Ани“, чие вистинско име е Кукушка, претходно го спасува од сигурна смрт од експлозија. „Толку време да посакуваш да легнеш покрај маж, а сега во ист ден да ти се погодат двајца“, си мрмори таа додека превива машки рани, фаќа риби со голи раце и дере кожи од ирваси.
И ова би можело да биде рај на земјата, доколку нема еден проблем: сите тројца зборуваат различни јазици (руски, фински, лапонски), и дури и кога мислат дека се разбирале се работи за голема утка. Иван мисли дека Вејко е фашист, а овој пат упорно се обидува да му објасни дека на сила морал да оди војска, и дека претходно си бил сосема обичен студент. Антологиските сцени во кои тој се обидува спомнувајќи ги Толстој и Достоевски да му се приближи на својот архи-непријател се истовремено блесаво смешни и фрустрирачки. „Да бе Толстој, таквите како тебе ја запалија Јасна Пољана“ му одговара Иван, веројатно мислејќи и дека „Идиот“ се однесува на него. Русинов пак за малку ќе се отруе бидејќи не може да ја разбере Ани дека печурките што ги набрал се отровни, а кога оваа му дава нешто за протерување сакајќи да му помогне, тој мисли дека оваа сака да го отруе бидејќи му фрлила око на Финецот. Целиот филм е серија од вакви недоразбирања, кои се засилени од тензичноста на ситуацијата: мешавина на страв, осаменост, неизвесност и недоверба, која од дрвената колиба прават кула Вавилонска.
Како Ева со двајца раскарани Адами по дома, жената станува клучна за разрешување на хаосот. А во тоа и успева затоа што таа е единствената на која не и е многу гајле за зборовите, туку гледа тие да се најадени и напиени, огнот разгорен, рибата уловена, а нејзината страст задоволена, без оглед дали од финска или од руска страна. Таа е истовремено чуварка на тајните вештини на нејзините женски предци, благодарение на кои му го спасува животот на Вејко, кога овој во караница е добива куршум во гради од Иван. Мирот на земјата меѓу суетните и глупи мажи така зависи само од таа, една жена, која ќе знае да се справи со нив.
Крајот на филмот може да се насети уште на неговата средина. Па сепак, уште некое време по неговото гледање останувате без зборови. Сеќавајќи се на сите оние моменти кога заради нив сте се почувствувале како оковани за карпа, наместо да ги отфрлите и само да бидете.
режија: Александр Рогошкин