Познатиот писател Џо Кеслман (Џонатан Прајс) ја бакнува жена си Џоан (Глен Клоуз) пред спиење, со надеж дека утрото ќе добие повик од Шведската академија дека е добитник на Нобеловата за литература.
Рано наутро телефонот ѕвони и одличната вест пристигнува - Кеслман навистина е лауреат на престижното признание. Иако веќе во поодминати години, двајцата се пентарат на брачниот кревет и скокаат фатени за раце, додека Џо извикува „Ние победивме, ние победивме“.
Сцената делува сосема нормално - весело и славенички како што и доликува на моментот, со само една „дамка“ - ликот на сопругата кој сигнализира дека тука нешто не е баш како што треба.
Атмосферата станува уште потензична како што се одвиваат подготовките за свечениот миг - првичното частење на пријателите, патувањето до Стокхолм, приемите и интервјуата во кои лауреатите се природно во центарот на вниманието, додека на нивните сопруги им се нуди помош при шопингот и третмани за убавина. Клопчето почнува да се одмотува кога еден нападен новинар, „уанаби“ биограф на Кеселман, на кого овој никако не сака да му даде благослов за една таква книга, ќе ја начека сопругата во мала криза. Во хотелскиот бар вечерта пред доделувањето тој почнува како иследник да ја испрашува - за нејзиниот книжевен талент од младоста, за односот со нејзиниот некогашен харизматичен професор а сегашен сопруг (во чија еволуција добиваме увид со „флеш-бекови“), и тврдењето на неговата претходна жена дека тој го нема потребниот „штоф“ за да биде толку голем автор за каков што го сметаат.
Џоан стоички го издржува и маубетот, и целата церемонија. Па сепак, полека но сигурно во неа нешто созрева, потреба за еманципација на која чекала цели три децении, во име на повисокото добро - љубовта на сопругот, и благосостојбата на двете деца. По сите турбуленции кои водат до крајот на филмот, нејзиниот лик е различен од оној на неговиот почеток, спокоен и подготвен да сврти нов, празен лист, кого овој пат ќе го исполни и самата, и самата за себе.
Клоуз и Прајс се беспрекорни актерски партнери, и оваа спрега е најдобриот елемент на филмот. Слично важи и за улогата на новинарот (Кристијан Слејтер) кој е баш онолку подол колку што би требало да биде. За жал ова не е така и за некои од останатите споредни улоги, на пример за синот на Кеслман, писател во обид, кој е огорчен на татка си затоа што овој не му ја дава потребната поддршка. Иако како таков од се очекува да кењка, тоа е и единственото што тој го прави во секоја сцена во којашто се појавува. Што се однесува до Глен Клоуз, не би не изненадило да биде номинирана за некоја од големите награди. Можеби дури и за Нобелова.