Koга во 2016 пишувавме дека „Спотлајт“ е првиот филм за новинарство кој по 70 години доби Оскар (претходниот беше „Џентлменски договор“ со Грегори Пек од 1947) некако се насетуваше дека темата наскоро ќе стане уште поактуелна. Новинари кои како супер-херои со своите пера се борат против мечовите на моќните и корумпирани институции звучи како привлечна приказна, која инспирира и влева доза оптимизам во мрачни времиња. Пред две години таква беше приказната на Спотлајт, за Бостон Глоуб кој го обелодени скандалот на сексуална злоупотреба на деца од страна на католичката црква. Најновиот филм на Спилберг, со Мерил Стрип и Том Хенкс во главните улоги, е уште еден потсетник за храброто новинарство од минатото, со очигледна намера да поттикне исто такво во денешнината.
„Пост“ е политички трилер кој зборува за обелоденувањето на тн. „Пентагонски документи“ од 1971, таен извештај кој содржи детални и несоборливи докази за тоа дека Белата куќа во тек на три децении и за време на четири претседатели ја манипулирала американската и светската јавност во врска со ситуацијата во Виетнам.
Прв дел од протечените информации објавува Њујорк Тајмс, соочувајќи се со судска забрана за понатамошно занимавање со темата. Меѓу оцрнетите со објавувањето на материјалите е поранешниот секретар за одбрана, Роберт МекНамара, кој според документите дозволил војната да продолжи и покрај тоа што било јасно дека таа не може да биде добиена. Но истовремено уште еден весник, Вашингтон пост, доаѓа до документите и во ситуација да мора многу бргу да одлучи да ги објави.
Таквата одлука, и онака тешка, дополнително се усложнува заради два фактора - сопственичката на весникот Кетрин „Кеј“ Греам (Мерил Стрип) е блиска пријателка на МекНамара, но уште поважно, е на само неколку денови од продажбата на компанијата наследена од татко и на берза. Вдовица со четири деца, често единствената жена на деловните состаноци, таа на почетокот е индиспонирана, но со текот на времето сè поодлучна, дека „единствениот начин да се заштити правото на објавување е - да се објави“.
Нејзин клучен партнер во целиот опасен потфат е уредникот на весникот, Бен Бредли (Том Хенкс), кој одлучува дека е време да прекине со „пријателскиот“ и сервилен однос со високите политичари, каков што имал претходно со Кенеди. Всушност врз овој дует почива успехот на целиот филм, кој визуелно ја има патината и палетата на бои од седумдесетите (за прекрасниот мебел кој одзема внимание и предизвикува воздишки да не зборуваме), но чии пораки се многу актуелни. За оние кои некогаш го имаат помирисано и доживеано старото новинско печатење на линотипски машини, кои знаат што е „шлајфна“ или „шпигел“, филмот има и дополнителна носталгична нота - потсетува на време кога земањето во рака на тазе отпечатениот примерок кој остава црно на прстите се доживуваше како вистински празник, но и кога одговорноста пред напишаното и отпечатеното беше многу поголема. Тоа што за Хенкс знаеме дека е опседнат со стари машини за куцање е бонус.
„Пост“ е номиниран за Оскар за најдобар филм и главна женска улога. Дали ќе го добие престижното признание можеби и не е толку важно, колку што е значајно потсетувањето на клучните историски моменти на промовирањето медиумска слобода и сигнализирање дури и на најмоќните дека не се недопирливи. Филмот завршува со почетокот на аферата „Вотергејт“, која ќе доведе до оставка на Никсон во 1974. Објавувањето на Пентагонските документи е всушност вовед во таа приказна, која до сега филмски е третирана повеќе пати, но најчесто без спомнување на она што ѝ претходело.
Вистинската Кетрин Греам, која е добитничка на Пулицер за мемоарите „Лична историја“, почина во 2001. Само неколку дена по премиерата на „Пост“ нејзиниот син Вилијам, адвокат и филантроп се самоуби, исто како и неговиот татко во шеесетите. Личната историја на ова семејство е можен материјал за некој друг филм. Овој е направен за рекодно време, помалку од една година, откако Спилберг го прочитал сценариото и веднаш одлучил дека сака да сними филм за републикански претседател кој води војна со медиумите. Кој знае дали и овој ќе доживее некој Вотергејт?