Не ги познаваме доволно задкулисните оскаровски на-ти/дај-ми за да можеме да ги предвидиме добитниците, со веројатност од рангот евровизиски 12 поени на Грција од Кипар. Па сепак, изгледа не сме осамени во изненадувањето што „Спотлајт" доби Оскар за најдобар филм. Тоа е уште поголемо кога се има предвид досегашната статистика на Оскаровци чија тема е новинарството.
Во 1977 еден филм по име „Мрежа" (Network), за ТВ водител кој се претвора во луд пророк, ги зема речиси сите актерски Оскари - за најдобар актер, најдобра актерка, и најдобра женска улога, и тоа за рекордно кратки пет минути на екранот. Истовремено, „Сите луѓе на претседателот", деталното разоткривање на аферата Вотергејт која инспирираше цели генерации новинари, доби осум номинации, и освои четири награди, вклучително и за најдобар спореден актер.
Во категоријата најдобар филм, каде беа номинирани обата филма, наградата отиде кај - „Роки“.
Досегашното непишано правило значи беше дека филмови во врска со новинарство и медиумите добиваат номинации за најдобар филм, но не добиваат и вакви награди. Примери има многу - „Граѓанинот Кејн" чија приказна е делумно заснована на онаа на медиумскиот могул Вилијам Рандолф Хрст, доби номинација во 1942, но Оскарот отиде кај „Колку беше зелена мојата долина". Претходната година „Странски дописник" на Хичкок, за американски репортер кој се обидува да влезе во трагата на непријателски шпиони, загуби од многу поразличен филм на истиот режисер, „Ребека". „Полиња на смртта" загуби од „Амадеус". „Добра ноќ и со среќа", деталниот опис на ерата на МекКарти на Џорџ Клуни, загуби од филм кој се смета за најлошиот добитник во историјата на Оскарите, „Судир" од 2005.
Поминаа 70 години откако филм за новинарство доби Оскар - тоа прв и последен пат се случи во 1947, кога „Џентлменски договор"со Грегори Пек ја освои статуетката, приказна за новинар кому му е доделена задача да напише статија за антисемитизмот, па се преправа дека е Евреин за да може објективно да процени дали навистина постои ваква предрасуда кон еврејското население во Америка.
„Спотлајт" (кај нас преведен „Разоткривање") на Том Мекарти ја раскажува вистинската приказна за тоа како новинарите од Бостон Глоуб го обелодениле скандалот на сексуална злоупотреба на деца од страна на бостонската католичка црква. Од тоа како изгледа еден ден во редакција на весник, на колкави притисоци знаат да бидат изложени новинарите кога се работи за сензитивна тема, колку е важна тимската работа кога се прави истражувачка сторија, колкава е одговорноста на главниот уредник, каква е генералната медиумска култура во Америка, па до тоа како се облечени новинарите - сето ова беше позитивно оценето и од оние во, и од оние вон новинарската професија.
Особено добро беше оценет „преводот" на печатеното новинарство на филм, што е многу потешка задача отколку кога станува збор за телевизиски медиум. Новинските редакции не се многу „секси", и главно се состојат од часови и часови минати во „кјубикл" со телефон и лаптоп. Самиот поранешен уредник на Глоуб, Марти Барон (кој е еден од ликовите во филмот) не очекувал ни номинација, заради очигледни причини: ризик од навреда на католиците, недостаток на акција и специјални ефекти, тешката тема за злоупотребата на деца.
Освен тоа, новинарите во филмовите често пати се „лошите" - портретирани се во контекст на скандали (Скршено стакло) и сексуални врски со нивни соговорници (Топ пет), или како бескрупулозни сталкери (Најткролер) и трачари. Во „Спотлајт" дури нема ни секс - само злоупотреба.
Она што веројатно одлучило во изборот на филмот е што тој ги портретира припадниците на оваа професија како супер-херои кои се борат против моќните и корумпирани институции со неверојатна одлучност и чувство за правичност. На тој начин тој поттикнува носталгија помеѓу постарите, за времето кога дури и еден регионален весник можел да има голема моќ и престиж (Спотлајт се однесува на 2001-2001 кога дигиталните медиуми беа во зародиш, а јазот од 14-15 години во оваа област изгледа како цел век). Од друга страна, тој може да биде инспирација за помладите, дека вакво новинарство и покрај сè не само што е можно, туку дека е и единствена опција на оние кои се грижат за достоинството на својата професија, соочени со секојдневните лаги и манипулации на моќните, кои во новинарството гледаат само своја продолжена рака.
Њусвик во текст посветен на филмот објавен непосредно пред Оскарите вели: „И кога тој ќе загуби во категоријата најдобар филм...", иронизирајќи дека сепак неговата тема е побитна од напад на мечка. Ете, и новинари некогаш грешат.