Хирургот од Кроуторн: приказна за убиство, лудило и љубов кон зборовите (во американската верзија под наслов „Професорот и лудакот“) од 1998 беше бестселер на Сајмон Винчестер, кој ја раскажува приказната за правењето на Оксфордскиот речник на англиски јазик, односно за судбината на еден од неговите први уредници.
Вилијам Честер Мајнор, или доктор Мајнор, пензиониран хирург на американската армија, по крајот на Американската граѓанска војна страдал од нешто што денес би го опишале како пост-трауматски синдром: во Њујорк, каде што бил службено распореден, станал постојан гостин во јавните куќи, за во еден момент армијата најпрвин да го премести на друга локација, а потоа да го смести во лудница. Во 1871 заминал за Британија, но таму, гонет од параноја, убил човек за кого мислел дека му провалил во собата. Судот го прогласил за невин заради лудило и го сместил во азил во селото Кроуторн во Беркшир. Бидејќи бил сметан за неопасен, му биле дадени удобни простории и можност да си купува книги од армиската пензија.
Веројатно токму преку преписката со лондонските издавачи и книжари тој слушнал за повикот за волонтери за она што подоцна ќе стане Оксфордски речник на англискиот јазик. Го посветил остатокот од животот токму на оваа работа, станувајќи еден од најангажираните и најквалитетни доброволци, бирајќи зборови и илустрации за нив од големата збирка антикварни книги. После многу години, д-р Џејмс Мареј, уредникот на речникот, откако слушнал за минатото на Мајнор, го посетил во болницата и му заблагодарил за огромниот удел во работата.
Но здравјето на Мајнор се влошило, главно заради визии дека ноќе некој го грабнува и го носи на далечни места, каде го тера да врши сексуални напади на деца и телесно го осакатува. По интервенција на Черчил, тој е пуштен од лудницата и е вратен во САД. Умрел во 1920.
Правата за оваа необична приказна ги купи Мел Гибсон уште во 1998, а деновиве беше најавено дека филмот конечно ќе се снима, со Гибсон и Шон Пен во главните улоги. Пен ќе го игра Мајнор, а Гибсон уредникот Мареј. Иако вториов најпрвин сакал самиот да го режира филмот, сега тоа ќе го прави сценаристот на „Апокалипто“ Фарад Сафинија, кој ќе го пишува сценариото и за овој филм.