Свечена вечера во домот на семејство Бирлинг во 1912, на која ќерката на домаќинот, богат индустријалец, се вери со син на неговиот конкурент. Таткото, кој се надева на скора витешка титула, има само еден совет до зетот - „Гледај си пред себе и концентрирај се на својот бизнис. Како зборуваат денес некои чудаци, излегува дека секој треба да се грижи за сите, помешани сме како пчели во кошница. Заедница! Ако уште еднаш го слушнам тој збор...“.
Не поминува многу, а свеченоста ја прекинува чукање на вратата. Човек кој се претставува како инспектор Гул, и кој токму така и изгледа, како стереотипно ладнокрвен иследник со мустаќ со шапка и сиво одело, соопштува дека млада и сиромашна девојка само што испила киселина и умрела во локалната болница. Зад себе оставила дневник во кои се спомнати членови од семејството и околности кои довеле до нејзиниот трагичен крај. Постепено клопчето се одмотува и излегува дека сите до еден имале некакво макар и минимално влијание врз синџирот на настани. Целото дејство се одвива во таа единствена просторија, со повремени навраќања и реконструкции на она што се случувало од аспект на испрашуваните. Главниот пресврт се случува на крај, кога сите приказни ќе се спојат во една.
Во времето кога е настаната претставата доживеала голем успех, но во следните децении била потисната од новиот бран на соц-реалистичниот театар. По театарската продукција на Стивен Далдри (Били Еиот, Часови, Читачот) од 1992 таа е одново „откриена“ и поздравена како остра социјална критика на капитализмот и лицемерието на високата средна класа. Имајќи ги предвид социјалистичките убедувања на авторот, јасни се неговите обиди да го претстави семејството Бирлинг како херметички затворен класен систем кој ги експлоатира особено ранливите жени, дури (или особено) кога смета дека филантропски им помага.
Врз основа на текстот се направени повеќе филмски и телевизиски адаптации. Оваа од 2015, со Дејвид Тевлис (Ремус Лупин од Хари Потер) како инспекторот, Миранда Ричардсон како сопругата и Фин Кол (од Пики Блајндерс) како синот, е оценета како една од подобрите и многу значајна во контекст на современите глобални настани кои бараат солидарност, и подразбираат поединечна одговорност дури и кога изгледа дека немаме големо влијание врз она што се случува вон нашиот тесен личен простор.
„Има милиони и милиони __________ (тука кое и да е име на бегалец, социјално загрозен, онеправдан, болен и незгрижен), чии животи, надежи и стравови, чие страдање и шанса за среќа, се поврзани со нашите животи, она што ние го кажуваме и го правиме. Не живееме сами. Ние сме делови од едно исто тело. Одговорни сме еден за друг“.
Последните зборови на инспекторот, кој е симбол на совеста на човештвото, уште долго одекнуваат по завршувањето на филмот. Замисливме одлична адаптација на македонските околности, на која се надеваме дека некој би се нафатил.
Илина, Букбокс