Кога сакавме да ви го претставиме Џон Лури само преку линк до претходни статии на сајтов, сфативме дека такви нема! Додуша, се појавува во споредна улога во расказ за Том Вејтс и Гоце Арнаудов, но и таму мистериозно затскриен зад звукот на својот саксофон. Повод за исправање на историската неправда, бидејќи Џон, иако отсекогаш бил фаца, во меѓувреме стана(л) вистински цар!
„Боб Рос не беше во право“ е првата реченица која ја изговара во нова мини-серија на ХБО, кој ја има креирано и продуцирано самиот, снимена на мал остров на Карибите кадешто живее, со екипа од тројца. Спомнувањето на Рос на самиот почеток е некако прелогично за серија која се вика „Сликање со...“ и која се состои од општи муабети монтирани со спокојно сликање, во случајот на Лури не на штафелај со масло, туку на хартија со водени бои. Но Лури не е Боб. „Не може секој да слика“, вели тој. Освен децата, до одредена возраст, после која возрасниот во нив почнува да ги сфаќа работите пресериозно. Процес кој кај него ниту почнал, ниту пак некогаш ќе започне.
За да уживате во „Сликање со Џон“ не мора да знаете кој е Џон Лури. Но тоа може да помогне. Човекот е едноставно легенда. Неговата висока и слаба фигура придружена со исто такво, издолжено лице сега е променета - Лури е раскрупнет и секако остарен. Но во неговата се уште маркантна појава се препознава човекот кој ги основа „Лаунџ лизардс“, играше во 19 филмови меѓу кои Stranger than Paradise и Down bу Law (Лури макрото, Вејтс ди-џејот и Бењини италијанскиот турист-случаен убиец), кој имаше претходна успешна серија „Рибарење со Џон“, а неговите слики стануваа интернет мемиња.
Последниве дваесет години Лури има хронична Лајмска болест, која ја пренесуваат крлежи. Неодамна му беше дијагностициран и рак, кого во меѓувреме го победи. Сиот овој физички и ментален багаж од него прави хроничен мрчатор, кој пред камерата, очигледно без некој елабориран концепт, шета во бермуди и раскопчана кошула длабоко воздивнувајќи, пцуејќи, уништувајќи дронови (наводно дури седум од нив) и жалејќи се дека зборувањето директно во камера прави да се чувствува како социопат.
Сепак во овој навидум мрачен лик има толку смеа, топлина и хуманост, што набргу сте заведени, па точно и само да седи и да црта. Сепак, тој прави и нешто многу подобро - раскажува. Има тука епизоди од детството, кога неговите родители дозволувале брат му една недела да биде Рин-тин-тин и да јаде како куче од земја. Kaко му се треселе тестисите од гласот на Бери Вајт. Што муабетел со Бордејн. За вртоглавицата после една од хемотерапиите поради која завршил со експлодирана рерна, седејќи на терасата гол со мачета во едната и пресечен алое вера кактус во другата рака, за да ги мачка изгорениците. Доволно спојлери, кои всушност и не се тоа, бидејќи е сосема поинаку кога сето ова ќе го чуете од негова уста.
Некаде при крајот на серијата Џон се демантира самиот себеси и нанесувајќи ги водените бои на рељефната хартија која истовремено ги впива, но и ги одбива, создавајќи минијатурни речни делти, вели: „Обидете се да сликате. Убаво ќе ви дојде.“ Нам не ни дојде да цртаме, но посакавме да му се придружиме на тоа терасата, па макар за ќутејќи да го гледаме карипското зајдисонце.
Илина, Букбокс