За да ја изгледате „Најсилниот глас“, мини серија од 7 епизоди, посветена на поранешниот извршен директор на Фокс Њуз и Фокс ТВ, Роџер Ејлс, не мора да знаете ништо за него. Серијата ќе ви ги открие најважните биографски детали: од неговото влијание врз телевизискиот имиџ на неколкумина американски претседатели (Никсон, Реган, Буш), до дводецениската кариера како извршен директор на Фокс Њуз, под капата на Њуз Корп на Руперт Мурдок. Влијанието на овој ТВ канал врз избирачкото тело се проценува како огромно, а како последен пример за тоа се смета изборот на Доналд Трамп во 2016.
Серијата од седум епизоди, базирана на истоимена книга на новинар на Венити Фер, Габриел Шерман од 2014 (кој се појавува како спореден лик во серијата), ја следи оваа хронологија, и со тоа претставува хроника на подемот и падот на Ејлс, до моментот на неговата смрт на 77 години - возраст кој никој не очекувал дека ќе ја доживее, со оглед на тоа дека уште од дете страдал од хемофилија. Помалку од една година претходно тој бил приморан да даде оставка на местото извршен директор на Фокс заради бројни обвинувања за сексуално малтретирање и злоупотреба од страна на негови поранешни вработени.
Она што е јасно уште од првата епизода е дека ликот на Ејлс толкуван од Расел Кроу навистина ќе биде најсилниот глас во серијата. Не само заради маркантната физичка трансформација (многу слична на онаа на Кристијан Бејл во „Вајс“, каде го глумеше Дик Чејни), туку пред сè поради агресивноста, манипулативноста и генерално чудовишниот карактер кого тој го толкува, засенувајќи ги сите околу себе. За нанесување на сета шминка и костим на почетокот од снимањето биле потребни шест часа, за потоа тие да се сведат на три. Но многу поважен е говорот на телото на Кроу, кој оддава „бахат“, целта-ги-оправдува-средствата карактер, кој не жали никого кого решил да го толчи.
Најважно место притоа имаат жените, амбициозни и желни за слава, кои под „патронат“ на Ејлс се обидуваат да си ги остварат своите ТВ соништа. Цената која притоа треба да ја платат е различна, во зависност од меракот кој тој им го има фрлено. Некои завршуваат на лекови, со тешки нервни сломови, други се доживотно трауматизирани, трети се извлекуваат со повремени тепкања по задникот и предолги гушкања. Има и такви кои не се отвораат за тоа што се случувало, туку до крај тврдат дека нивниот шеф бил „визионер“. Но целата приказна се одмотува кога водителка на емисија на Фокс, Гречен Карлсон (ја игра Наоми Вотс) покренува тужба за сексуално малтретирање, поткрепувајќи ја со доказен материјал - аудио снимки од разговори со Ејлс правени во тек на повеќе од една година. Истата тужба која ќе го означи крајот на неговата кариера.
Дали за еден американски гледач човекот ќе биде доживеан како злотвор или како херој, патриот кој и покрај своите слабости се залагал за „вистински“ американски вредности, тоа веројатно зависи од таборот на кој тој гледач припаѓа во спектарот на тамошната политика. Но погледнато од макро-перспектива, ова е приказна за раѓањето и подемот не на еден човек, туку на еден цел светоглед, во кој медиумите не пренесуваат вести, туку ги создаваат, во кој манипулацијата е секојдневен манир на моќните, на кои е тешко да им се каже „не“. И токму тие - подлизурковците, асистентите, ситните извршители и долгогодишните поддржувачи на ликови на Ејлс се всушност оние најстрашните. На крај не ги памтите нивните имиња, но без нив тиранијата на еден човек не би имала на што да се потпре.
Расел Кроу за неговата улога кај Стивен Колберт
Илина, Букбокс