Стандардниот и безбеден пристап кон биографиите на познатите подразбира почеток од типот „Х е роден во сиромашно работничко семејство“. Но не само што во случајот со Мајлс ова баш не важи (татко му бил забар), туку и филмот за него не почнува од почеток туку од средина, а вистинскиот почеток е истовремено и крај. Притоа, и во текот на филмот не е секогаш најјасно каде сте на временската оска. Битно, цело време сте тука.
„Ти не си Волтер Кронкајт. Ако сакаш да раскажеш приказна, направи го тоа со став“, вака во првата сцена му се обраќа Мајлс на новинарот на Ролинг Стоун, кој се обидува да му направи „повратничко“ интервју по речиси петгодишното отсуство од сцената при крајот на седумдесетите.
Со тоа Дон Чидл (кој е истовремено и режисер и го игра Мајлс) го најавува и својот пристап кон приказната за животот и делото на легендата, која можел да ја направи и за пократко време (филмот го подготувал речиси десет години) и поинаку - комбинирајќи некаков хронолошки редослед на настаните со документарни исечоци, следејќи ја само љубовната приказна на Мајлс со неговата муза Франсис или акцентирајќи ги неговите „пороци“. Но ниту една од овие верзии не би била толку структурно и концепциски блискa до музиката на Мајлс, што е очигледен приоритет на Чидл. Така, она што на прв поглед изгледа како хаос и „импресионизам“ (како што го нарекоа повеќето критичари на филмот) е всушност само мета-џезирана нарација која претворена во ноти сигурно би дала нешто слично на музиката на Мајлс од периодот, или подобро oд периодите за коишто станува збор.
Иако тоа и не е најважно за филмот како таков, за оние на кои им е битно што во него е „на вистински“ а што измислено, еве краток список кој ja доловува и приказната:
Дали новинарот од Ролинг Стоун реално постоел?
Дејвид Брил (го игра, прилично неубедливо, Иан МекГрегор), всушност и во филмот не е официјално испратен од весникот, туку само му се претставува така, за да му влезе дома, да напише сторија која после ќе може скапо да ја продаде, и - ласт бат нот лист - да му ја украде магнетофонската лента со најнова музика која Колумбија ја очекува ко капка вода, а Мајлс ја чува под клуч.
Да, имало луѓе кои се обиделе да разговараат со Мајлс во периодот кога заради дроги и болен колк не свирел и не се појавувал во јавност, но не и ваков екстремен гонзо-новинар. Сепак, чудна коинциденција е што во тоа време имало новинар што се викал исто како и измислениов, Дејвид Брил, кој се бавел со истражувачко новинарство, но тој умрел во 1979, годината кога се одвива поголемиот дел од филмот.
Што правел Мајлс Дејвис во Њујорк 1979?
Тешко е да се каже. И да воскресне, самиот тешко дека ќе се сеќава на тој период. Во автобиографијата од 1989, напишана со Квински Троуп, петгодишниот период 1975-1980 зафаќа цели 9 страници од инаку 412-те, колку што е целата книга. Не е ни чудо што тој (периодот) се нарекува „тивкиот“. Станот му бил „пештера“ (каков што е и во филмот), дневно ко ништо трошел по 500 долари на „бело“, а неговиот единствен контакт со светот бил постојано пуштениот телевизор и жените. Страдал од чир и од кила. А пред да го оперира колкот фатил и пневмонија. Колумбија, неговиот издавач, му плаќал сето тоа време, без оглед што тој не им обезбедувал нов материјал. А дури и да имало таков, тој веројатно ќе звучел како оној во филмот, кој по серија авантури (кражба на лентата, бркотница, пукање, убиство) излегува дека содржи само звук на органа, но не и на труба.
Дали Франсис го напушта затоа што овој халуцинира и се шета низ куќата со нож?
Да. Во 1968, исто како во „Мајлс ахед“ тој халуцинира дека некој (љубовник на жена му) е во куќата и се обидува да го најде мафтајќи со кујнски нож во раката. Во филмот Франсис бега и никогаш не се враќа, а во реалноста го натерала да викне полиција и заминала откако таа пристигнала. Мајлс после неа имал уште две сопруги, но за Франсис секогаш зборувал како за неговата прва и единствена муза.
Дали Мајлс навистина бил претепан од полицаец пред клубот Брдленд во Њујорк?
Да. Ова е опишано и во спомнатата автобиографија - Мајлс на 25 август 1959 испраќал „убава бела девојка“ до такси, а полицаец го нападнал само затоа што овој застанал да испуши цигара на тротоарот. Не помогнало ни тоа дека неговото име било испишано на плакатот пред клубот - со раскрвавена глава е затворен заради „пружање активен отпор на униформирано лице“. Од затвор го вадат жена му и адвокатот.
Има уште куп спомнати, извитоперени или незастапени детали од животот на Мајлс, заради кои биографските „пицајзли“ главно го хејтаат филмот. Но тој, особено заради брилијантната глума на Чидл кој успева да ја пренесе истовремената генијалност, мекост, лудост и трагичност на ликот на Мајлс, едноставно мора да се види. По него уште долго време ќе слушате звук на далечна труба.
Остатокот од програмата музички документарци на Синедејс тука