Токму таков е и овој филм на Кен Лоуч, кој зборува за бесчувствителноста на државната бирократија, која наместо човечки има монструозен лик. Таа на најранливите толку им го комплицира пристапот до каква и да е помош, што тие порадо одбираат да умрат како слободни луѓе, отколку да склопат фаустовски пакт со демонските сили на системот.
Даниел Блејк е вдовец, вешт во рацете за разни мајсторски работи, кој заради преживеан срцев удар не смее да се врати на работа. Но лекарската комисија го одбива неговото барање за продолжување на боледувањето, и покрај купот релеванта медицинска документација. Минувајќи низ пекол од телефонски повици, пријавување во Заводот за вработување, семинари за пишување си-ви, тој целиот филм го минува во чекање повик за рочиште на кое ќе може во живо, а не преку некаква автоматска секретарка, на надлежните да им ја објасни својата мака. А тоа е дека и покрај тоа што не е мрзлив, и покрај тоа што едвај чека да се врати на работа, тоа едноставно сè уште не смее да го направи. Ништо повеќе, и ништо помалку.
Тој секако не е осамен во сизифовскиот труд, најпрвин воопшто да искомуницира со системот, а потоа од него да ја добие и својата правда. Обидувајќи се да се заземе за самохраната мајка Кејт, која исто како и тој не може да се избори за она што правично ѝ следува, тој татковски се спријателува со неа, и нуди малку надеж, на неа и на нејзините две дечиња.
Има тука и сцени од кои се кине срцето, како кога во хуманитарна „банка за храна“ Кејт на лице место отвара конзерва грав и лапливо срка од неа, бидејќи нема јадено неколку дена. Има и такви кои се меѓу тажни и смешни, како кога Даниел се маусот БУКВАЛНО поминува по мониторот, следејќи ги инструкциите на библиотекарката која се обидува да му помогне тој да го пополни неопходниот образец, што може да се направи само дигитално. (Единствен исклучок се дислексичните, кои можат да се јават на телефон за помош, при што бројот на тој телефон е повторно - онлајн.) Но има и многу топли и утешни сцени, кога сите кои се во истата каша - социјални случаи, маргиналци, имигранти - се обидуваат да си подадат рака и да си помогнат меѓусебе, ако веќе немаат на кого друг да се потпрат.
Испишувајќи графит на Заводот за вработување „Јас, Даниел Блејк барам ново рочиште“, 59-годишниот столар од Њукасл го крева гласот против системот во името на сите тие понижени и навредени, и станува нивен личен Исус. Кеш би имал и стих за него - "He was a carpenter by trade, at least that's what I'm told...".
Филмот, кој уште некако не ни се верува како можел да не биде номиниран за Оскар, е oстра критика на британскиот систем на социјална помош. Но сигурно не е осамен. Сите сме ние Даниел, само што некои храбри и достоинствени поединци се по-Даниел од другите. Ним им е посветен овој филм, на сите тие жртви на пост-рецесијата, кои бараат само да бидат третирани како рамноправни граѓани, а некако кучиња. Ништо повеќе, ништо помалку.
Филмот игра денес 09.02 (четврток) и утре (петок) во Кинотека на РМ од 20 часот.
Интервју на Кен Лоуч во Гардијан: „Ако не си лут, каков човек си тогаш?“