Сатирата е всушност метод на испитување на границите на одреден феномен или прашање, кое е во основа универзално, антрополошко. Добрата сатира тоа го постигнува така што прави да ни биде неудобно (да чувствуваме вина или срам), но истовремено, преку одважноста на својот пристап терапевтски нè ослободува од тоа бреме, давајќи ни сила да ѝ погледнеме на вистината во очи.
Она што очите го гледаат во овој филм е или екстремно привлечно или екстремно грдо. Всушност, сè започнува „нормално“, кога ја запознаваме Елизабет Спаркл (Деми Мур), која во стилот на Џејн Фонда од 1980-тите води утринска емисија со вежбање. Иако се уште важи за телевизиска ѕвезда, како и ѕвездата втисната во нејзина чест во холивудскиот плочник неа почнува да ја гази забот на времето и да „пука“ по шавовите.
Немајќи алтернативен столб на својот идентитет (живее сама, изгледа како да нема пријатели и опција за друга професија), таа доживува слом кога на својот 50-ти роденден од автомобилот здогледува како го кинат билбордот со нејзиниот лик, знаејќи дека на негово место наскоро ќе се најде некој помлад. Прави сообраќајка, завршува во болница, а таму болничарот со неприродно „мазен“ лик ѝ поттура УСБ на кое пишува „Супстанцата“, со телефонски број на фантомски дилер на „еликсирот на младоста“.
Правилата на играта се јасно означени на амбалажата на чудотворната дрога или лек, така за никој да не може да каже „не знаев“. Но секој фаустовски договор почнува така, за потоа некој - оној кој е и онака подготвен да си ја продаде душата - да заглави затоа што сакал повеќе. Од тука натаму филмот станува верзија на „Сликата на Доријан Греј“, со тоа што наместо портрет кој се извитоперува онака како што вечно младиот заглавува во гревови, тука „огледалото“ е телото на постарата жена која ги сноси последиците од однесувањето на својот помлад клон. Серумот (супстанцата) поттикнува негово создавање, но за целиот проект да трае (вечно?) има еден услов - двата лика мораат да се менуваат на седум дена, одржувајќи се меѓусебно во живот. БЕЗ ИСКЛУЧОК - како што пишува на кутијата, болдирано и во капс лок.
Но исклучоци секако почнуваат да се случуваат. Откако Сју се јавува на огласот и го добива местото на „престарената“ Елизабет, индустријата нема време за чекање. И покрај постојаното потсетување на студениот корпоративен глас на дилерот на супстанцата, дека двете жени се всушност едно, помладата станува агресивна и почнува да му краде денови на својот „матрикс“. Секој ваков престап се втиснува во телото на „оригиналот“ - Елизабет, која во ретките моменти кога тоа ѝ е дозволено се буди со исушен, старечки прст или со цела нога. Наскоро не само што веќе не личи на огромниот портрет од себеси во најдобрите години кој виси во дневната соба, туку не личи ни на човечко суштество. Кулминацијата се случува во присуство на бројна и одбрана публика во живо, во тек на пренос кој го следат повеќе од 50 милиони луѓе. Тука како и самата режисерка да станала алчна, па на момент експлозијата на слуз, крв и желудечни сокови делува непотребно развлечена. Никој не останува чист, ни буквално, ни метафорично додека Елизабет се обидува да објасни: „Јас сум истата!“.
Ова со право е нарекувана улога на кариерата на Деми Мур, но секако е и најава на Маргарет Квејли, која го има шармот на својата мајка Енди МекДауел, а веќе ја имаме гледано во „Беше еднаш во Холивуд“ на Тарантино или во „Бедни нешта“ на Лантимос. Режисерката Корали Фаргеат како влијанија ги има цитирано Кроненберг и Џон Карпентер, а за овој филм инсистирала 80% од ефектите на телесните трансформации кај актерките да бидат простетички и реални а не дигитални. Од нив може да ви се преврти стомакот, но во големата слика тие и тоа како имаат смисла.
Илина, Букбокс