Базиран на вистинска приказна, драмата „Пливачките“ на режисерката Сали Ел Хосаини следи две сестри, Јусра и Сара Мардини, кои како и милиони спортисти низ целиот свет имаат сон - да настапат под знамето на својата земја на голем настан каков што е Олимпијадата. Сара е побунтовна и помалку дисциплинирана, па фокусот на таткото, кој е истовремено и тренерот, е насочен кон Сара.
Но контекстот не може да биде полош за секакви соништа, па и за ваквите. Сирија е во војна, секој којшто има каква и да е врска со Западна Европа или со САД се обидува да избега, а младите кои остануваат се или регрутирани или завршуваат под урнатините од бомбардирањето.
Кога една таква бомба ќе падне во базенот во кој во моментот се натпреварува Јусра (а која за среќа нема да експлодира), станува јасно дека дошло времето и тие да размислуваат за заминување. Таткото зајми пари, млад роднина се нафаќа да ги придружува и тие тргнуваат на неизвесно патување најпрвин до Турција, а потоа непланирано, со чамец, до островот Лезбос, на пат кон Германија.
Ова е и најпотресниот дел од филмот со оглед на тоа дека во ниту еден момент не сме сигурни дали чамецот навистина ќе тргне или бегалците - луѓе со различни етнички потекла, меѓу кои и жени со мали деца - ќе бидат измамени од организаторот, дали крпениот чамец ќе издржи и дали тие ќе бидат фатени од граничните служби и вратени назад. Почнува невреме, во морето се истура и она малку багаж кој луѓето го носат со себе, но и тоа не е доволно за да се намали неговата тежина. Сара и Јусра се фрлаат во морето и пливаат врзани за јаже до брегот, на тој начин спасувајќи им ги животите на останатите.
Прикажувајќи го ова патешествие „Пливачите“ го проширува фокусот зборувајќи не само за судбината на двете сестри, туку за мигрантската хуманитарна криза воопшто - кога конечно пристигнуваат на Лезбос плажата е преполна со елеци за спасување и детски играчки (веројатно и тела на настраданите, кои додуша не ги гледаме). На само стотина метри од неа туристите уживаат во паралелната реалност на годишните одмори. Исто како и ликовите, актерките кои ги играат Јусра и Сара (Натали и Манал Иса) се сестри, иако различни по темперамент, но солидарни и меѓусебно и со оние во иста ситуација кога тоа е потребно. Во новата татковина, Германија, Јусра успева да убеди локален тренер да ја прими во пливачкиот клуб и по напорни подготовки да настапи за олимпискиот тим на бегалците во Рио.
Вистинската Јусра Мардини во интервју за Харперс Базар по повод премиерата зборува за деталите кои во филмот се речиси целосно запазени. Таа и нејзиното семејство живеело четири години во страв од бомби и снајперски напади, додека не одлучиле да побараат засолниште во Европа. Рутата ја нашле на Фејсбук група и во август 2015 тргнале на мачно 25-дневно патување. Исто како и во филмот, најпрвин стигнале во Турција каде се качиле во кајче со 18 други бегалци. Сцената со пливањето покрај чамецот, пристигнувањето на Лезбос (каде три дена биле без храна и пиење), заминувањето за Германија и тренинзите во клубот Васерфројден Шпандау се исто така вистинити. Најпрвин, таа не сакала да настапува во Рио во екипата на бегалците, бидејќи сметала дека таа „етикета“ - бегалец - ќе ја запечати нејзината судбина и идентитет. Но пливајќи заедно со спортисти од сите земји, таа сфатила дека ги претставува оние кои имаат иста судбина како неа - луѓе со надежи и соништа како и сите останати. Сега таа е амбасадор за УНХЦР, со чести настапи на различни форуми се обидува да ги застапува бегалците и да ги инспирира да продолжат да ги следат своите соништа, дури и кога тоа изгледа невозможно.
Целата приказна можела да биде раскажана и без непотребната повремена мелодраматичност и холивудскиот „фил гуд“ крај. Сепак, вреди да се погледне поради спомнатиот поширок контекст на судбината на мигрантите и фокусот на важноста на солидарноста.
Илина, Букбокс