Вистинскиот Вернер Теске (1942-1981) од 1960-тите бил источногермански „хауптман“ (капетан) во Штази, Министерството за државна безбедност, оддел за економска шпионажа. Неговата експертиза на ова поле произлегува од неговите студии по економија на Хумболт, област во којашто и докторирал и се надевал дека некогаш ќе стане универзитетски професор.
Но иако бил убеден комунист и член на владеачката партија, во средината на 1970-тите почнал да се сомнева во исправноста на политичкиот систем во Источна Германија. Планирал да пребега на запад, носејќи со себе доверливи штази информации и материјали. Но истовременото бегство на негов колега ги заострува мерките на безбедност, и Теске е фатен пред воопшто и да се обиде да го спроведе планот. Суден е во воениот огранок на Врховниот суд, обвинет за „планирано предавство“ и прогласен за виновен за шпионажа, дезертерство и илегално минување на границата, иако до последново воопшто не ни дошло. По само еднодневно судење, на 11 јуни 1981 бил осуден на смрт. По неколку дена во таен дел од затворот во Лајпциг бил застрелан во тилот, а неговото тело било кремирано. На смртовницата пишувало дека умрел од „слабост на срцето“. Неговата сопруга не ни знаела дека е вдовица до германското обединување во 1990, па дури и потоа се уште верувала дека тој е некаде во затвор. Во 1993 неговата пресуда е анулирана, а самите судии и обвинители биле изведени пред суд и осудени на четири години затвор. Таске бил последниот егзекутиран во Источна Германија пред укинувањето на смртната казна во 1987.
Сето ова е основа за германскиот филм на Франциска Штункел, „Последната егзекуција“. Главниот лик во случајов е инженерот Франц Валтер, кој откако е регрутиран од Штази бргу сфаќа дека новиот стан и ветувањето дека тој некогаш ќе работи на Универзитет нема да бидат доволен надомест за она со што треба да се занимава - поткажување, местење, манипулирање. Откако еден од следените „субјекти“, познат фудбалер, извршува самоубиство, Валтер е веќе сигурен дека сака да замине. Но исто како и Теске во вистинската приказна, малку поради сопственото неискуство а повеќе поради лошиот тајминг, не успева во тоа.
Oва веројатно би било само уште една драма за ГДР обоена во кафени тонови, да не е убедливата глума на Ларс Ајдингер (го гледавме и во серијата „Вавилон Берлин“) во главната улога, со чести крупни кадри на неговиот лик и впечатливо тонско решение кое овозможува да слушаме како тој дише. А дише забрзано, панично, вознемирено. Сè додека не престане да дише, со венчалниот прстен нацртан со фломастер на раката.
Илина, Букбокс