Букбокс гледанка: „Кралицата на шахот“ или приказната за Јудит Полгар

Новиот документарец достапен на Нетфликс ја раскажува приказната за најуспешната шахистка во историјата – жена која го предизвикала машкиот доминантен свет на шахот и дури го победила својот идол Гари Каспаров. Започнала да игра на 5-годишна возраст под доминантната рака на својот татко, кој со неа и другите две ќерки всушност спроведувал своевиден експеримент. 

„Жените се ужасни играчи на шах“ - се потсмева Боби Фишер во архивска снимка вклучена во документарецот „Кралица на шахот“. „Едноставно не се доволно паметни“. 

Фишер во тој момент не знаел дека наскоро на сцената ќе се појави Унгарката Јудит (на англиски го изговараат Џудит) Полгар, која го освоила својот прв турнир во 1981 година, кога имала само шест години. Сочуваните материјали покажуваат мало, но решително девојче кое ги победува постарите противници, градејќи ја нејзината самодоверба и определба шахот да и стане животна професија. 

Порасната во комунистичка Унгарија, Полгар била учесник во необичен експеримент на нејзиниот татко-психолог, кој сакал да покаже дека генијалците не се раѓаат туку се создаваат. Шахот бил избран како алатка едноставно затоа што семејството не можело да си дозволи нешто друго, а шаховски табли имало насекаде. Сите семејни фотографии се од затворени простории, каде трите сестри играат шах - секој ден по осум часа, дури и за празници и викенди. Седумдесетите се време кога патувањата вон Унгарија не биле едноставни, а Полгарови биле дополнително под пресија поради тоа што девојчињата не оделе на училиште туку биле подучувани дома (необична практика во социјализмот), а гласот за нивниот талент веќе се проширил на Запад.

Паралелно со политичкиот притисок тие се соочувале со постојан сексизам, бидејќи инсистирале да играат не во посебната, женска лига, туку против велемајстори-мажи. Централниот дел од филмот всушност го прикажува токму тоа - ривалството помеѓу Јудит со тогашниот светски шампион Гари Каспаров. Иако тој сметал дека нејзиниот стил не е соодветен за да го победи, Полгар по низа тешки партии конечно успеала да го совлада на 26 години. Таа низ филмот истакнува дека морала десетпати повеќе да се докажува отколку што би морала ако била родена како машко.

Во филмот се појавува и нејзиниот татко, кој тврди дека никогаш не ги карал ќерките за доживеан пораз, но сепак смета дека губењето е „многу лошо“. Дури на крајот документарецот накратко ја допира сложената врска меѓу Џудит и татко ѝ. На прашањето како се чувствува што била дел од експеримент, таа одговара со двоумење и нелагодност: од една страна тоа не било пријатно, но токму татко ѝ „ѝ ја покажал убавината на шахот“. Еден од соговорниците ја опишува како „заморче“ во експериментот, но нагласува дека е речиси чудо што, и покрај огромниот притисок и амбициите на татко ѝ, таа останала „нормална и пријатна личност“. Денес таа се смета за најсилната шахистка на сите времиња, единствената жена рангирана во светскиот топ 10. 

Илина, Букбокс

7 февруари 2026 - 10:37