Манчестерската уметничка галерија привремено симна од своите ѕидови слика од британскиот сликар Џон Вилијам Вотерхаус. На неа се претставени старогрчкиот јунак Илас, слуга на Херакле, и неколкуте водни нимфи кои според приказната го имаат грабнато. Мит или викторијанска фантазија за тинејџерки со прозрачна бела кожа кои заведуваат младо и згодно момче? Прерафаелитско ремек-дело или навреда за политички коректното око на модерната публика?
Целта на галеријата која ја отстранило сликата било токму тоа - да иницира дискусија за претставувањето и интерпретацијата на уметничките дела од колекцијата. На нејзиното место на галерискиот ѕид во моментов има соопштение за истото, а посетителите лепат и пораки со нивните реакции. Истовремено се отстранети и поштенските картички и други производи на кои е репродуцирана сликата. Нејзиното вообичаено место, на кое ќе се врати по некое време, е просторија насловена „Во потера по убавината“ (In Pursuit of Beauty), каде се сместени слики од доцниот 19 век на кои е прикажано женско тело.
Клер Ганавеј изјавила дека името на тематската збирка е несоодветно, како машките уметници буквално да и „ловеле“ жените на сликите, чии тела се претставени како пасивна декоративна уметност. Отстранувањето, според неа, не е цензура, туку уметнички чин сам по себе.
Реакциите засега се мешани. Некои сметаат дека ова е опасен преседан, а други го нарекуваат бришење на минатото. Не се знае кога сликата ќе биде вратена на ѕидот, но кога тоа ќе се случи најверојатно ќе биде контекстуализирана на друг начин. Освен #MeToo, поттик за оваа акција била и реакцијата на извесен ликовен критичар на изложба на Вотерхаус од 2009, која се одржа во Кралската академија на уметности, а во врска со слика која ја прикажува смртта на Света Еулалија (горе), 12-годишно девојче. За неа тој напишал: „Не знаев дали да плачам, да се смеам или да повикам полиција“.