Фудбалски фотографии наспроти сликарски ремек-дела

Споредбите за некого се можеби претерани. Но ставањето едни покрај други на славни сликарски дела на религиски теми и на фудбалски фотографии, макар и само на ниво на композиција, дава интересни резултати.

Позната е изреката на Диего Марадона дека „фудбалот не е игра, ниту спорт - тоа е религија“. Истото го тврди и Пеле, кој еднаш изјавил: „Фудбалот за мене е како религија. Ја обожувам топката и ја третирам како да е Бог“.

Секако, овие двајца не се единствените кои се речиси побожно посветени на најубавата игра. На секои четири години верскиот „обред“ кој се нарекува Светски куп инспирира трансцедентни изведби од играчи кои како да се вдахнати од повисока сила. Тоа го прикажуваат и бројните фотографии, кои вибрираат со религиозен интензитет.

Кели Гровиер во Гардијан прави споредба помеѓу ваквите „иконични“ фотографии од досегашното првенство, со познати сцени од сликарството, на религиски теми. Споредбите се естетски - во смисла на структура, композиција, но и во смисла на атмосфера.

Колумбиецот Јери Мина наспроти „Исусовото вознесување во рајот“ (горе) на Џон Синглот Копли (1775)

Мина како да се искачува кон небесата додека со глава ја удира топката во 40-тата минута од мечот на Колумбија со Полска. Неговиот гол беше првиот од трите за победата на неговиот тим, и тој сигурно бил доживеан од страна на навивачите како божествен момент. Другите играчи пак се со подотворени усти, како да сведочат чудо.

Сомнително повредениот Нејмар наспроти „Неверниот Тома“ на Караваџо

 

Тренерите, судиите и играчите се собираат околу Нејмар за да се уверат какви му се повредите и дали воопшто ги има. Споредбата со сликата на Караваџо е во моментот кога еден од учениците на Исус, Тома, му брцнува прст во раната за да се увери во нејзината автентичност. Разликата е што раните на Исус не се преглумени.

Ѓото наспроти јапонскиот голман

 

За да го запре нападот на Белгиецот Винсент Компани, јапонскиот голман Еиџи Кавашима мораше да направи многу акробации. Неговата поза е слична на релативно реткото портретирање на Исус со крилја кој како птица лебди над Св. Франциско на оваа слика на Ѓото од крајот на тринаесетиот век, поврзан со него со видливи нишки, кои на фудбалската фотографија се насетуваат „меѓу редови“.

„Распнатиот“ судија наспроти Караваџо

 

Тензичната фотографија од англиски и колумбиски играчи кои како да се подготвуваат да го нападнат американскиот судија Марк Гајгер по серија контроверзни одлуки ја има целата драма на барокното ремек-дело на Караваџо од 1602. На обете слики гледачот ја чувствува тензијата на моментот - оној во кој Исус е предаден и наскоро ќе биде распнат, со гневот на толпата играчи кон судијата кој само што не е натепан.

Лица во игра наспроти Бош

 

Англиски и хрватски играчи кои се судираат едни со други во карневалска и гротескна сцена слична на онаа во „Исус носејќи го крстот“ на Хиеронимус Бош, со голем број искривоколчени лица во една единствена рамнина, која на ниту еден начин не го истакнува главниот лик во епската драма. Сите во неа можат да бидат и херои и анти-херои, иако само еден е Спасителот.

14 јули 2018 - 12:28