Голем број архитекти сметаат дека Франкфуртската кујна од 1926 е всушност првата модерна кујна. Неколку примероци од неа се уште постојат, но само како дел од музејски поставки, што е необично бидејќи на крајот на краиштата тоа е само кујна. Но голем број елементи кои денес ги земаме здраво за готово како стандардни делови од кујна всушност биле револуционерни за тоа време. На пример добро испланирани долапи за чување на чиниите и стаклените садови; начин на миење на садовите кој не вклучувал м’кнење буриња вода во куќата и поставување на сталаци за сушење садови над лавабоата. И сето тоа со димензии кои одговарале за релативно мали станови, но и биле стандардизирани така за да се вклопуваат едни во други.
Жената којашто ја дизајнирала оваа кујна, Aвстријката Маргарете Шуте-Лихоцки, знаела што прави, веројатно токму затоа што и самата минувала многу време во оваа просторија, а како комунистка добро ги знаела и маките на сиромашните. Сите активности во нејзината замислена кујна требало да се одвиваат така за домаќинката да си ги штеди силите, а готвењето да е колку што е можно побрзо и поедноставно.
За оваа цел Шуте-Лихоцки истражувала како жените ги користат своите кујни и ги мапирала нивните движења како сложени танцови чекори, со линии на подот кои укажувале на тоа дали има „вишоци“ од дејства кои можат и да се економизираат за нештата да бидат поедноставни (како денес добрите веб дизајнери кога намалуваат број на кликови за оние кои внесуваат содржини - фала им).
Нејзината револуционерност сепак не се сведува само на ефикасност - таа едноставно посветила внимание на простор кој до тогаш бил маргинализиран и од страна на архитектите и од дизајнерите. Некои од нив, поттикнати од раните феминистички движења, дури сакале и целосно да ја елиминираат кујната како дел од домот и работите поврзани со подготовка на храна да ги префрлат во некој заеднички дел за повеќе станови. Но една од првите жени-архитектки во својата земја, Шуте-Лихоцки сметала дека кујната секогаш ќе биде потребна и дека тоа е погрешниот начин за борба за женски права. Таа според неа требало да си постои, но да биде прилагодена на потребите и на жените и на сите оние кои живеат под ист покрив.
Нејзините напори биле забележани од Ернст Меј, градски планер и модерен архитект на Франфурт. Тој всушност го водел амбициозниот владин проект по Првата светска војна за потпомагање на сиромашните Германци, кои почнале во сè поголем број да ги населуваат градовите, барајќи работа во индустријата. Новите, масовно градени станови за нив требало да имаат кујни. Така дошло до ангажман на Шуте-Лихоцки, која добила задача да дизајнира мала, евтина и ефикасна кујна изделена од дневниот престој. Притоа, таа немала од каде да црпи инспирација бидејќи во тоа време немало голем број професионални кујни, па ги проучувала оние во возовите и на бродовите.
Во сето ова таа била инспирирана од „научниот менаџмент“, популарна идеја во 1920-тите која главно се однесувала на фабрики, каде менаџерите опсесивно го прилагодувале текот на производството за да обезбедат максимум профит. Таа успешно ги применила истите во кујната. Така, помеѓу 1926 и 1930 стандардизираната кујна била инсталирана во околу 10.000 државни домови во Франкфурт. Единствена поголема забелешка на жените била што кујната била одделена од другите соби и била многу мала за внатре истовремено да седат и децата, на кои требало да се внимава дур се прави ручекот.
Последната Франкфуртска кујна била инсталирана во 1930. Како што Нацистичката партија се здобивала со поголема власт, голем број од постоечките програми на социјално домување биле укинати. Сепак, кујната има значајно место во историјата на архитектурата, а особено влијателна била во САД каде голем број кујни во приватни компании и државни институции изгледаат како онаа на Шуте-Лихоцки.
Таа починала на возраст од 102 години. Својот 100-ти роденден го прославила играјќи валцер со градоначалникот на Виена. Тогаш изјавила: „Немаше да биде лошо еднаш да дизајнирам нешто и за богати луѓе“.