Ковид-19 во францускиот треба да се користи со членот „ла“, а не „ле“. Ова го порачува официјалниот „чувар“ на францускиот јазик, нивната Академија на науки и уметности, која со ова соопштение ќе се обиде да стави крај на широко распространетата употреба на оваа именка во машки род.
Ова навидум е нелогично решение, со оглед на тоа што генералната именка за типот на вирус - коронавирус - на француски е во машки род. Но образложението на Академијата е дека всушност Ковид-19 (Corona virus disease 2019) е акроним за болеста, а не за вирусот. Со оглед на тоа што болест е la maladie, тогаш и Ковид би требало да е „ла“.
Светската здравствена организација подолго време го користи женскиот род кога зборува за Ковид-19, а во Канада, премиерот Џастин Трудо, владини сајтови и медиумите го следат овој пример. Истото го препорачува и квебечката канцеларија за грижа за францускиот јазик, како и Кралската шпанска академија. Во стандардниот македонски, ако е „Ковид“ (без оглед што е болест) е машки род, ако е коронавирус, исто така е машки. Ама разговорно и скратено, како во „заболе од корона“ или „заглавија поради коронава“, можеби затоа што завршува на -а и звучи како женско име, е женски род.
Како што е познато, L'Academie Française е врвна државна институција која се занимава со заштита на францускиот јазик. Воспоставена во 1635 од кардиналот Ришелје, таа се состои од четириесет доживотно избрани членови, главно возрасни мажи, кои на официјалните собири носат декорирана униформа и меч. Минатата година конзервативната академија конечно отвори врата за женски верзии на професии како доктор-ка или учител-ка.