Една мала книжарница во провинциски град во јужна Франција, наспроти стравувањата, во текот на пандемијата доживеала зголемена продажба. „Никогаш не сум продала толку примероци од Чума на Ками“, изјавила сопственичката Ан Хелман. Во Франција актуелната ситуација како да поттикнува ентузијазам за купување книги локално и поддршка на независните книжарници.
Сега во тоа ќе помогне и француската влада, со зголемена поддршка за малите книжарски бизниси, со што влегува во отворена војна против доминацијата на големите онлајн компании. Најголем удар, особено кон Амазон, ќе овозможат нови закони кои ќе ја одредат минималната цена за доставување на книги. Со тоа ќе се запре она што владата го нарекува „искривоколчена конкуренција“ во полза на дигиталните џинови, кои доставуваат книги (во Франција) за 0,01 евро.
Француската министерка за култура, Розелин Башело, во текот на карантините ја молеше нацијата да не купува книги од ваквите големи онлајн платформи. Сега францускиот парламент ги ограничува нивните пазарни предности, и се надева дека на тој начин ќе воспостави преседан и за другите европски земји кои би сакале да си ги заштитат своите книжари. Законот за минимална сум за достава би требало да влезе во сила следната година.
Консензус по политички прашања во Франција е ретка појава, но заштитата на книгите и трговијата со нив е дефинитивно едно од нив. Макрон го има прогласено читањето за „национален приоритет“, зголемувајќи го работното време на библиотеките. Заштитата на книжарите е дел од француската идеја за културна исклучителност, но и за децентрализирање на културата, бидејќи луѓето кои купуваат онлајн најчесто живеат во големите градови и урбаните области, додека независните книжарници се присутни во руралните области на Франција.