Звучи на граница на хумористично: кинескиот дипломат Танг Сонген се симнува од аеродром, во посета на во островската држава Кирибати. Едно четириесетина млади луѓе, колку што се забележува сите момчиња, се легнати на земја, облечени во чисти бели кошули и светло сини бермуди. Врз нив (ни се чини по чорапи) гази за среќа не многу крупниот Танг, сликан од грб, кого го придржуваат две жени во здолништа од слама, украсени со венчиња цвеќе на главата. Според Твитер пост истовремено оди националната химна на оваа држава - Теираке Каини Кирибати, што значи „Стани, Кирибати“.
Малку е да се каже дека ова предизвика бура во светските медиуми. Кина е обвинета за нов колонијализам, понижување на локалното население, и сè најлошо. Но има и такви кои укажуваат дека критиките се знак на непознавање на локалните обичаи, според кои обратното - да одбиеш да го сториш ова - би било врвната навреда. Церемонијата главно била резервирана за свадби, но се практикувала и за пречек на битни странци, како австралискиот амбасадор кој поминал низ истото во 1998 (иако тогаш тоа не предизвикало толкава врева).
Кирибати, некогашна британска колонија близу екваторот, се состои од 33 острови кои во последно време се особено интересни и за Кина и за САД. Секако, основна причина е локацијата. Кирибати е најблиската соседна држава на Хаваи, но во однос на површината, таа зафаќа 15% од површината на земјината топка (отприлика големина на Индија), со оглед на тоа што островите се растршкани низ океанот како шаховски фигури помеѓу Кина, САД и Австралија. Тие се мали ама имаат огромно стратешко значење, што било очигледно во текот на Втората светска војна. Кина, како јак играч на светската сцена, многу добро го сфаќа ова и се обидува да ги земе островите под свое, најпрвин донирајќи средства за нивно спасување од растечкото ниво на морето, како резултат на климатските промени. Всушност и оваа посета била организирана, според Кинезите, поради „образовни причини“ и како начин да се промовира „меѓусебното разбирање“.
Денешен (24.8) текст во Гардијан нуди малку поинаква перспектива, дека гестот треба да се разбере од гледна точка на островјаните. И дека таа нема врска со гео-политичката анксиозност на останатите. Авторките на текстот кои се по потекло од Кирибати, го објаснуваат поширокиот контекст на обичаи и верувања на конкретниот остров, Маракеи. Имено, се верува дека островот го чуваат четири женски духови, а тие се особено загрижени за намерите на новодојдените. Оттаму, секој посетител треба прво да направи кружна обиколка на островот, спротивно од движењето на часовникот, претставувајќи им се на духовите и оставајќи понадица. Потоа заедницата носи одлука - ќе го биде ли странецов, или да го бркаме. Ако решат да го примат тогаш се прави ваква патека од човечки тела, истото што се прави и при свадби, само што тогаш по грбот на сватовите (од машка страна) одат младоженецот и невестата. Да се одбие да се стори ова е огромна навреда.
„Културните и духовните права се исто така човечки права“, завршува текстот, кој предупредува дека многу поважно за овие острови е да им се помогне во економска и инфраструктурна смисла, отколку да се крева џева за вакви нешта.