Фолклористот што се инфилтрираше во Кју Клукс Клан

Во 1940-тите еден човек влегол во експозитурата на озлогласениот расистички клан во Атланта. Тамошните членови и функционери не го знаеле тоа, но тој всушност детално го забележувал сето она што се случувало и не само што ги споделувал информациите со властите, туку истите ги вградил и во две свои книги.

Стетсон Кенеди (1916-2011) во 1940-тите тој се инфилтрирал во огранок на Кју Клукс Клан, детално забележувајќи ги сите елементи кои се однесувале на хиерархијата, членството, организираните акции и целиот „фолклор“ околу оваа расистичка заедница во САД. За ова од огромна помош му било учеството во претходни проекти на собирање усни истории заедно со писателката Зора Нил Хурстон (за неа претходно види тука) и фолклористот Алан Ломакс, на територија на јужна Џорџија, Алабама и Флорида. 

Но уште една среќно-несреќна околности придонела тој да се зафати со ризичниот потфат. Бидејќи проблеми со 'рбетот го спречувале да служи преку океанот во текот на Втората светска војна, тој одлучил дека на друг начин ќе ја изврши својата патриотска должност - инфилтрирајќи се и во Кланот, но и во групата наречена „Колумбијци“, нео-наци организација исто така базирана во Атланта. 

Глумејќи трговец со енциклопедии, под лажното име Џон С. Перкинс, Кенеди влегол во Кланот во 1946, придружувајќи се на сектата низ ноќна обредна иницијација изведена на врвот на планината Стоун. Штом почнал да дознава тајни од групата, тој ги споделувал со заинтересираните - со новинарите, полицијата, па дури и со продуценти на популарна радио програма, „Авантурите на Супермен“. Овие ги претворале тајните во сценарио за радио драма во која Супермен се бори против Кланот и ги пренесувале на национално ниво. 

Крајот на неговата игра се случил кога се согласил да сведочи на судење против лидерите на спомнатата нео-нацистичка група. Иако неговиот исказ секако помогнал тие да бидат осудени, самото појавување го разоткрило неговиот двоен живот, што значело дека веќе не можел да влегува ни во Кланот.

Логично, по ова ја напуштил земјата и патувал низ светот. Во текот на патувањата пишувал за своите претходни искуства, иако наоѓањето издавач во САД одело тешко. На крај, во 1954, на тоа се согласила британска издавачка куќа. Најпрвин насловена „Јас јавав со Кју Клукс Кланот“, книгата подоцна е објавена во САД како „Премин кон насилство“ со тоа што првите 30 страници од оригиналот биле цензурирани. Делото се здобило со поширока популарност дури во 1990-тите, во реиздание под наслов „Кланот без маска“. Кога во 1954 Кенеди се сретнал со францускиот филозоф Жан-Пол Сартр додека живеел во Париз, овој бил толку заинтересиран за неговата приказна што му објавил две статии на Кенеди во познатото списание „Модерни времиња“. Во 1955 во својата издавачка куќа Сартр ја објавил и втората книга на Кенеди, „Џим Кроу водич низ САД“, многу пред таа да најде американски издавач.

Додуша, по објавувањето во САД имало и реакции дека нештата во книгите се „напумпани“ само за да звучат скандалозно и атрактивно, како и дека Кенеди често користел информации од втора рака без да ги провери. Сепак, тогашните разунавачи потврдиле дека тој им бил корисен соработник и дека ако не сè, а тогаш голем дел од напишаното е вистина. 

За целата приказна дознавме од еден твит.

21 мај 2024 - 17:07