„Случајност и нужност“ е дело на Жак Моно објавено во 1971, серија предавања кои тој ги одржал во 1969. Станува збор за кратко но влијателно истражување на филозофските импликации на модерната биологија, соодветна за поширока јавност. Она што е интересно е што тоа започнува со мото од „Митот за Сизиф“ на Ками, со што Моно ја акцентира својата врска со француските егзистенцијалисти. Но начинот на кој тој ги комбинира овие идеи со својата истражувачка работа во областа на природните науки е редок пример за обмислување на нештата кои се одвиваат во лабораториите на едно поинакво, филозофско ниво.
Според него „информација“ не е само некаков текст, без оглед дали е пренесен усно или писмено, туку нешто материјално, па оттаму способно да влијае врз настаните во светот. „Нужноста“ во насловот на неговото дело се однесува на живиот свет, кој МОРА да дејствува онака како што тоа го прави, согласно ограничувањата наметнати од сопствените внатрешни закони и структура.
Но уште поинтересно е како научното и филозофското се преклопуваат со неговиот приватен живот и политички ангажман. Како раководител на биро кое организирало саботажи и заседи против германските сили тој често морал да ја напушта својата лабораторија на Сорбона, да си ја менува бојата на косата и начинот на облекување, да преспива во различни куќи под лажни имиња и да ги сели својата жена-Еврејка и синовите во предградијата на Париз.
Честите смени на непревидливите моменти и оние на нешто што нужно морало да се случи (за потоа да се случи нешто друго) го сочинувале неговиот секојдневен и интензивен живот. Оттаму не е ни чудно што она што го знаел како природна закономерност и она што емотивно го чувствувал како порив за акција се испреплетувале во неговиот научен и приватен светоглед.
„Модерните општества ги имаат прифатено богатствата и моќта кои науката им ги пружа. Но она што го немаат прифатено, и речиси и ја немат слушнато подлабоката порака, е дефинирањето на нови и специфични извори на вистината“, напишал тој. Кога при крајот на животот одговорил на писмо на некое 13-годишно дете кое го прашало според која максима се водел во животот, тој одговорил дека тоа била омразата кон лагите. Повеќе сакал да зборува за омразата кон лагите отколку за љубовта кон вистината, бидејќи „никој не може да биде сигурен дека ја знае вистината, додека со лагите, тие речиси секогаш можат да се откријат и отфрлат“.