Филмови за подобро разбирање на израелско-палестинскиот конфликт

Како што еднаш има кажано познатиот критичар Роџер Еберт, „филмовите се како машини за генерирање емпатија“. Наспроти често сувите вести од военото жариште и лажните вести, низ овие филмови можат да се согледаат различните перспективи за она што се случува на Блискиот Исток.

„Рај сега“ (2005)

Психолошка драма која следи двајца Палестинци, Саид и Калед, кои се подготвуваат за самоубиствен напад во Израел. Тие не се религиозни или политички ориентирани и никогаш не се прикажани како фанатици. Тие се едноставно двајца блиски пријатели кои ги живеат последните заеднички денови. Кога се раздвојуваат во близина на израелската граница, нивниот заговор е откриен, што ги наведува да се посомневаат во своите одлуки.

Во режија на палестинско-холандскиот режисер Хани Абу-Асад, филмот е редок поглед од аспект на бомбашот самоубиец и ја обработува темата на нијансиран, напнат и често трогателен начин. Балансирањето воопшто не е лесно, но наместо морално да пресудува, тој ѝ овозможува на публиката да ги преиспита своите предрасуди. 

Филмот го освои Златниот глобус за најдобар странски филм и стана првиот палестински филм номиниран за Оскар. Ова доведе до протести при што неколку групи побараа од Академијата да го дисквалификува филмот, сметајќи дека тој поттикнува убивање цивили и тероризам. Во говорот на Хани Абу-Асад за прифаќање на Златниот глобус, тој рече дека се надева оти наградата е „признание дека Палестинците безусловно ја заслужуваат својата слобода и еднаквост.“ Дополнително, израелско-еврејскиот продуцент на филмот Амир Харел изјави: „Ако филмот ја подигнува свеста или претставува поинаква страна на реалноста, ова е важна работа“.

„Валц со Башир“ (2008)

Оваа анимирана воена документарна драма напишана и режирана од Ари Фолман ја прикажува потрагата на Фолман по потиснатите спомени од своето искуство како војник за време на Либанската војна во 1982 година. Низ потрага по спомени и значења, филмот ја истражува залудноста на војните и траумата на конфликтот.

Иновативниот пристап кон темата преку анимацијата на уметникот Дејвид Полонски го прави Waltz with Bashir неверојатно привлечен за гледање, и покрај тоа што ѝ пркоси на конвенцијата. Тоа е енергичен, на моменти како сон, антивоен филм.

„Валц со Башир“ ја освои наградата за најдобар странски филм на Златните глобуси и да стане првиот анимиран филм кој доби номинација за Оскар за најдобар странски филм. Забележана е и хипнотизирачката партитура на Макс Ричер, која на композиторот му ја донесе наградата за најдобар композитор на Европските филмски награди.

„Лимоновото дрво“ (2008)

Салма, вдовица од палестинско село, живее од својата градина со лимони. Тоа е нејзиниот единствен извор на приход. Кога израелскиот министер за одбрана Навон ќе се всели на имот до неа, во убав дом кој ја следи границата со нејзиниот имот на Зелената линија што го дели Израел од окупираните територии на Западниот Брег, неговите безбедносни служби бараат шумичката да се уништи, бидејќи дрвјата би можеле кријат терористи. Салма одбива да го стори тоа и ангажира адвокат да го однесе нејзиниот случај до Врховниот суд, што привлекува меѓународно внимание.

Во режија на израелскиот филмаџија Еран Риклис, „Лимоновото дрво“ е привлечна приказна која се удвојува како прекрасна парабола која ја прераскажува старозаветната приказна за кралот на Израел кој го посакува лозјето на својот сосед. Притоа, авторите не бираат страна - Израелците се арогантни, а Палестинците тврдоглави. Во срцето на овој филм е многу човечка приказна која ги разоткрива поделбите. Можеби нема исто влијание како „Валц со Башир“ – кој излезе истата година – но тоа е едноставна приказна која функционира главно поради извонредните актерски изведби.

„Пет скршени камери“ (2011)

Овој документарец кој мора да се погледне е на Емад Бурнат и Гај Давиди. Тој претставува интимна хроника на ненасилниот отпор кон дејствата на израелската армија. Низ петгодишен период, Бурнат ги регистрира хаотичните сцени кои се одвиваат надвор од неговата куќа на семејна видео камера. „Снимам за да исцелам“, вели тој. „Тоа ми помага да се соочам со животот. И да опстанам“. 

Насловот на филмот се однесува на камерите кои му биле искршени во текот на годините. Тоа е витално дело на политички и кинематографски активизам. 

„Вратари“ (2012)

The Gatekeepers („Вратари“), во режија на израелскиот режисер Дрор Море, комбинира архивски снимки и компјутерска анимација со длабински интервјуа, сите поделени во седум сегменти кои се занимаваат со Шин Бет, израелската служба за разузнавање. Шестмина поранешни директори на агенцијата се согласуваат да ги споделат своите искуства со јавноста.

Така се добива брутално искрена и маестрално монтирана перспектива на личностите во срцето на војните. Тоа е лекција по историја што ги отвора очите, раскажана од оние кои оркестрирале насилни акции.

„Заборавете на моралот“, вели еден од нив, покажувајќи дека ова не е филм кој ќе ве исполни со надеж за иднината. Сепак, артикулираните соговорници, од кои еден го споредува Израел на Западниот Брег со однесувањето на нацистите кон нееврејското цивилно население од окупирана Западна Европа во Втората светска војна, сепак поттикнува на верба дека на крајот вистината ќе си го најде патот.

„Газа, Mon Amour“ (2020)

Официјален претставник на Палестина во трката за најдобар меѓународен игран филм на Оскарите во 2022 година, Gaza Mon Amour на Тарзан и Арап Насер нè запознава со Иса, 60-годишен рибар од Газа кој никогаш немал храброст да ѝ каже на Сихам дека е заљубен во неа. Кога ќе ја пронајде скулптурата на грчкиот бог Аполон во својата рибарска мрежа, тој верува дека среќата конечно му се насмевнува. Но кога локалните власти дознаваат дека тој ја поседува оваа статуа во неговата куќа всушност почнуваат неговите маки.

Ова е мал филм, многу повеќе од некои други на оваа листа; но тоа е истовремено многу шармантна драма која никогаш не се оддалечува од вознемирувачките аспекти на животот во Газа. Тој не навлегува премногу во сложената социополитичка територија, претпочитајќи полесна романса над тешката тема. Сепак, тој фрла поглед врз современата Палестина мешајќи елементи на апсурдна комедија и неколку неочекувани сцени на магичен реализам.

извор

25 октомври 2023 - 18:24