Повеќето книжевни и филмски предвидувања за иднината се тотално погрешни, затоа што замислуваат екстравагантни естетски трансформации, а притоа целосно непроменети форми на човечко однесување. Но пред повеќе од 70 години еден француски филм на Ж.К. Реjмон-Милет под наслов „Телевизија: окото на утрешнината“ изгледа дека погодил во мета.
„Ова е неверојатно прецизно предвидување од страна на начно-фантастично дело“, напиша Вилијам Гибсон во твит кој содржи 4-минутен извадок од филмот, кој неодамна стана вирален. Иако самиот Гибсон е сметан за научно-фантастичен „пророк“, тој сепак признава дека во своите дела не бил ни блиску до предвидување на главните технолошки чуда на денешнината. На пример во неговиот најпознат роман „Неуромансер“ од 1984, хакерите од 21 век вртат на телефон од јавни говорници.
Во спомнатиот филм пак луѓето од иднината се ѕверат во екраните на апаратите кои ги држат в рака: во воз, во кафана, на улица, ризикувајќи судир со другите замаени минувачи но и со автомобили. Ова е комбинација на телевизор и телефон која потсетува на нашите мобилни. Филмот бил продуциран како образовен, објаснува како работи новата технологија, а потоа замислува на кој начин таа би можела да претставува опасност по модерното општество. И тука не се спомнува само телевизорот туку и „водењето професионални состаноци преку телефони кои пренесуваат слика“, „автомобили опремени со телевизиски екрани“ и „продавници кои ги промовираат своите производи на телевизија“. Во филмот исто така гледаме како малите џепни апарати полека ги заменуваат весниците, а можат да претставуваат и опасност доколку „некоја млада девојка, излегувајќи од тушот, заборави да ја исклучи камерата“.