Хорски флеш-моб

Филип Глас на Тајмс Сквер

Кога ќе чуете „флешмоб" веројатно прво помислувате на група тинејџери кои играат на „Трилер" среде трговски центар, или на некаков камерен оркестар кој свири класично дело среде метро. Ама 200 души кои изведуваат дело од Филип Глас, специјално создадено за оваа прилика?

NPR Music го замолило Глас, во годината кога тој полни 75 години (роден е на 31. јануари 1937), да создаде дело кое ќе биде подеднакво певливо и за професионални пејачи и за аматери. Целта било да се поканат сите заинтересирани, и тие да учествуваат во светската премиера на дело од еден од најпознатите композитори на нашето време.

Глас за оваа намена зел дел од неговата „дигитална опера" Монструми на милосрдноста од 1997., и го аранжирал за солисти и хор. Следувала онлајн организација на настанот - заинтересираните можеле да ја симнат партитурата од интернет, да ги следат видео инструкциите на искусниот хорски диригент Кент Тритл, како и да си ги вежбаат грлените мускули со избор дела од Брукнер, Моцарт, Хендл и Бах.

200 пејачи се одзвале на повикот на организаторот и на 21. јуни, среде жештината и гужвата на Тајмс сквер, го извеле делото. Зборовите во него се на суфи поетот Руми, кој се залага за ослободување од ограничувањата на секојдневниот живот, и поход кон обединување со божественото. Магично, и само за миг, овој хор тоа некако и го постигнува.

 

12 јули 2012 - 14:21