Наследниците на Џорџ Орвел одобрија феминистички „спин“ на романот „1984“, чиј централен лик веќе не е Винстон Смит, туку неговата девојка Џулија.
Започнувајќи со една од најпознатите реченици во историјата на книжевноста - „Тоа беше бистар студен ден во април, а часовниците само што означија 13“, романот на Орвел од 1949 е лоциран во дистописка иднина каде Велика Британија, под името Ерстрип Уан, е дел од тоталитарната држава Океанија. Винстон работи во Министерството за вистина, цензурирајќи ја историјата така за таа да му одговара на врховниот водач, Големиот Брат. Тој почнува забранета врска со Џулија, која работи на машините за пишување романи во одделението за фикција. Во еден момент обајцата се уапсени и испратени на превоспитување во Собата 101.
Во „Џулија“ на Сандра Њуман настаните во 1984 се видени низ женски очи. „Неговото вистинско име беше другарот Смит, иако ’другар’ некако не му одговараше“, вели таа за Винстон.
Издавачот Гранта вели дека Џулија го разбира светот на Океанија „многу подобро од машкиот лик и во основа е среќна со нејзиниот живот“. Таа е често подготвена да ја прифати официјалната митологија, едноставно поради тоа што разликата помеѓу вистината и лагата не ѝ се толку важни, иако ѝ е сосема јасно дека таква разлика постои. Но нештата почнуваат да се менуваат кога во нејзиниот живот влегува Винстон. Во оригиналниот роман таа не кажува што гледа во него, а не е јасно и како се нашла високо во партиската хиерархија. Новиот роман се обидува да одговори на овие прашања.
„Џулија“ ќе биде објавена откако Гранта ќе го објави новиот роман на Њуман, „Мажите“, во кој секој човек со Y хромозом исчезнува од светот, а тоа ќе биде во април 2022. Таа е последна во серијата феминистички прераскажувања на класични приказни, во која спаѓаат и „Хамнет“ на Меги О’Фарел, „Имиња на жените“, која раскажува за 15 жени чии животи се преклопувале со оној на Исус и други.
Песната „Џулија“ на Ени Ленокс од филмот „1984“