Харолд Гилис бил роден во Нов Зеланд а образован во Британија. Нему му е посветена нова книга на Линдзи Фицхарис, која не само што му оддава почит за неговите постигнувања во областа на воената пластична хирургија, туку го прикажува и светот на мажите на кој тој им помогнал, од рововите на Првата светска војна, до болничките соби каде минувале низ физички и психички болни на рехабилитација.
Гилис имал 32 години кога почнала војната. Се приклучил на Црвениот крст и бил испратен во Франција во 1915, каде се соочил со последиците на фацијалните повреди предизвикани од гранати и шрапнели. Пластичната хирургија била во зачеток. Само мал број доктори се нафаќале на реконструктивни операции но главно на носот и ушите. Некои операции им овозможувале на пациентите да јадат и да зборуваат, но оставале големи дупки. Кога ќе се врателе дома, нивните сопствени деца не ги препознавале, а семејствата често ги чувале дома, за разлика од војниците кои загубиле екстремитет кои биле славени како херои.
Гилис сфатил дека она што е потребно е центар за специјалистичка фацијална хирургија, каде пациентите би добивале експертски третман и хирурзите би ги усовршувале своите вештини. Најпрвин формирал одделение во воена болница во местото Алдершот, каде регрутирал тим од повеќе области, вклучително и стоматолози, болничари и анестезиолози, но и уметници кои требало да ја документираат нивната работа. Наскоро го остварил и посебниот центар, кој се отворил под името Квинс хоспитал во 1917.
Војниците тука доаѓале со уништени вилици, носеви и образи, пресечени јазици и повредени очи. Пилотите, морнарите и војниците во тенкови најмногу страдале од пожар, при што лицата им биле речиси целосно изгорени. Некои од нив веќе имале операции кои ја влошувале состојбата, па Гилис морал повторно да ги отвори раните пред да почне со реконструкција.
Тој немал учебници и немал претходници во оваа работа, па морал да смислува сопствени решенија. Земал парчиња кожа од градите и други места на телото на пациентот, и овие ленти ги зашивал за да рекреира носеви, вилици, усни и очни капаци. Еден човек поминал 40 операции за да го реконструира носот.
Но ова бил само дел од терапијата. За да го одржи моралот, болницата организирала спортски денови и аматерски театри. Пациентите биле охрабрувани да пешачат по локалните улици, на кои некои клупи биле обоени во сино, за жителите да очекуваат дека таму може да седи човек со повредено лице и да не се плашат од него. По војната Гилис отворил приватна пракса, каде извел уште голем број пионерски операции, вклучително, во 1949, првата промена на пол, од женско во машко.
Книгата е опишана како за читател со јак стомак, бидејќи деталите на ужасните повреди се прилично живописни, а вклучени се и портрети од воениот уметник Хенри Тонкс. Сепак ова е трогателна и информативна историја за еден неверојатен медицински визионер.