Дуел на кастрати

Фаринели vs. Кафарели

Или е фина коинциденција, или е маркетинг финта: два нови албума со арии на двајца славни кастрати, кои во животот биле лути душмани, се појавија во ист ден.

Францускиот тенор Филип Жаруски (на фотографијата) пред неколку дена издаде албум посветен на Фаринели, а неговиот аргентински колега Франго Фајоли на еден друг кастрат: Кафарели. Проектот на Жаруски доаѓа по деветмесечно отсуство и претставува негово враќање на сцената, кое ќе биде проследено со концерти низ Европа и Русија. Фајоли пак беше откриен минатата година во „Артаресе", опера во три чина компонирана од страна на Леонардо да Винчи.

Бидејќи во 18. век пристапот на жените на оперската сцена бил забранет, сите женски гласови ги пееле мажи, таканаречени кастрати, чиј глас е еквивалентен на женски сопран, мецо-сопран или контраалт. Ова во минатото се постигнувало со буквално кастрирање на музички талентираните момчиња пред пубертет, со што нивните хормони, и најважниот орган за пеење - ларингсот, останувале во состојба какви што биле во детството. Но има и машки пејачи, како Жаруски и Фајоли, кои високите октави ги постигнуваат природно. 

Иако вакви примери имало главно кај посиромашните семејства кои на ваков начин се обидувале да обезбедат приход, Фаринели бил од богато семејство кое одеднаш паднало во немилост. Бидејќи кастрацијата во принцип била незаконска, морало да се измисли причина, а во неговиот случај тоа било наводно паѓање од коњ. Неговата судбина е опишана во истиомениот филм од 1994, во режија на Жерар Корбио.

Кафарели учел пеење кај истиот професор како и Фаринели, и со оглед на тоа што овие двајца настапувале на исти сцени и конкурирале за исти улоги, биле постојано во конфликт. Фаринели додуша бил познат по неговата „ангелска љубезност", но табиетот на Кафарели бил тежок - тој на сцена си ги импровизирал ариите онака како што му се бендисувало, правел смешни гримаси, ги штипел колегите додека тие пееле, и си зборувал со гледачите за време на претстава. Единствен човек со кого можел да се разбере бил исто така темпераментниот Хендл, можеби заради астрономските суми кои ги плаќал композиторот за неговите и изведбите на неговиот колега.

Гласовите на кастратите станаа популарни во современата култура особено по биографскиот филм за Фаринели, кога саундтракот од филмот беше продаден во 800.000 копии, што е рекорд во продажбата на барокна музика.

Погледнете исечок од филмот, но монтиран со гласот на Жаруски кој ја пее Cara Sposa, aрија од „Риналдо“ на Хендл.

12 септември 2013 - 08:53