Пред неколу месеци, во говор во кој ги изнел своите планови да го исплати огромниот египетски долг, претседателот Абдел Фатах ел-Сиси изјавил: „Жими Бога, ако може јас да се продадам, би го сторил тоа". За само неколку часа анонимен продавач го ставил Сиси на продажба на eBay. Без поштарина, без можност за враќање на „робата", тој бил опишан како „малку користен", и тоа од неговите претходни сопственици - кралевите од Заливот. Наддавањето стигнало до повеќе од 100,000 долари пред постот да биде симнат.
Но ако Сиси не може да се купи, тоа може да се стори со египетски острови во Црвеното море. Тоа и беше сторено од страна на владата на Саудиска Арабија, која за возврат вети нафтен договор и 1,5 милијарди долари во инвестиции. Но и покрај тоа што се работи за ненаселени и навидум неатрактивни острови, Еѓипјаните излегоа на протест, со став дека ако се тргне на овој начин, наскоро на продажба може да биде целата земја. На 9 април еден сатиричар во егзил (какви што се и повеќето египетски опозиционерски настроени хумористи), Басем Јусеф, твитна на арапски: „Ајде, ајде, островот се продава за милијарда, пирамидата за две, а гратис се добиваат неколку статуи".
Всушност, една карикатура од доцниот 19 век ја претставува точно истата сцена. На неа египетски лидер седи на маса пред пирамидите во Гиза и мафта со чекан ко на аукција, додека топла заинтересирани купувачи гледаат во него. „Љубители на антиката, пирамидите и сфингата се на продажба. Вредноста е изразена во фунти", вели тој.
Сликата е објавена во мај 1879, во издание на сатиричниот весник „Абу Надара Зарква" или Човекот со сините наочари. И тогаш, како и сега, египетската економија била во хаос, а земјата била оптоварена од големи странски долгови. Oсновач на весникот бил Џејмс Сануа, египетско-италијански Евреин роден во Каиро во 1839. Слободен масон кој знаел десетина јазици, тој станал најпрвин познат како драмски писател пред да влезе во сатиричното новинарство. Се колнел дека Абу Надара не е политички весник, туку „нешто на што луѓето треба да се смеат". Но преку мешавина на надреални приказни, комични дијалози и елегантни илустрации, тој бескомпромисно ги третирал политичките маани на неговото време: репресивниот владетел, уништената економија и цензурата.
Неодамна, со напор на тим германски професори, е дигитализирана целата архива на Абу Надара. Сепак во Египет денес весникот е главно заборавен и речиси е невозможно да се најдат физички копии. Јавниот пристап до националниот архив е многу ограничен, и само привилегирани имаат пристап до документи за минатото на земјата. Така лесно се заборава дека во минатото имало храбри поединци, како Сануа, кој откако бил цел на два неуспешни атентати, морал да замине од Египет за Париз. Но дури и од таму го печател весникот во помал формат, за полесно да може да помине преку границите, а секој пат кога бил весникот бил фатен и забрануван му го менувал името. Измислувал аватари под различни имиња, кои го повикувале египетскиот народ на револуција. Заканата ако тоа не се случи му била: „Ќе го уништам весникот и ќе си ги скршам наочарите".
Повикот успеал, бидејќи еден харизматичен египетски офицер под име Ахмад Ураби, инспириран од сатиричните написи, поддржан од голем број, пред сè селско население, кренал востание против Кедиве Исмаил, тогашниот египетски отомански владетел, кој си купил титула од султанот во Истанбул, и кој имал позајмено огромни суми од британските и француските банки, за возврат нудејќи им египетска земја и инфраструктура. Востаниците го детронирале Кедиве, а Ураби владеел три месеци на негово место. Сануа од Париз го прикажал Ураби како архангел Михаил, кој ги блокира Британците на влезот во египетскиот рај. Британската армија по тој период насилно ги задушила протестите, а Ураби бил избркан на Цејлон. Така почнале седумте децении британска окупација.
Но Сануа продолжил да го издава весникот и во следните триесет години, обидувајќи се да го промени јавното мислење, со цртежи на мачки што филозофираат и сфинги што плачат. Престанал да пишува дури кога наполнил 70, и веќе едвај гледал. Умрел разочаран дека ништо во неговата родна земја не се променило. Истиот став веројатно би го имал и денес.
извор: Њујоркер