Историски, повеќе нации можат да се пофалат со барем една значајна владетелка. Хатшепсут од древен Египет, руската Екатерина Велика, Трунг Трак од Виетнам. Но овие жени ретко биле бирани од народот. Најчесто доаѓале на власт по редот на нештата, кога кралот немал синови, или кога некоја интелигентна владетелка ќе го узурпирала тронот на својот бескорисен сопруг. Но како и да дошле до власта, за жените секогаш било потешко да го наметнат својот авторитет, особено кога монарсите биле најпрвин воени, а потоа политички лиери.
Од една страна, кралиците и цариците биле приморани да владеат како мажи, а од друга страна биле критикувани кога го правеле токму тоа. Шведската кралица Кристина, британската Елизабета Прва, сите се запомнети по својата бескомпромисност и храброст во соочувањето и со внатрешните и со надворешните непријатели, но и по тоа што не биле баш „женствени“.
Сепак, од сите владетелки ниту една не поттикнала толку контроверзи и не се здобила со толкава моќ колку Ву Зетиан, која во седмиот век станала единствената жена во повеќе од 3000 години долгата историја која самостојно владеела со царството.
Ву, според она што го знаеме за неа, изгледа како лик од „Хаус оф кардс“ или некоја слична серија за задкулисни политички маневри кои вклучуваат манипулации, секс и пари. Најпрвин била љубовница на императорот Гаозонг, па сива еминенција зад тронот којшто го држел нејзиниот најмлад син, за на крај и самата да седне на него. Таа ја стабилизирала и консолидирала династијата Танг во време кога изгледало дека таа ќе доживее распад, па оттаму се смета дека од тој период почнува да тече златното доба на кинеската цивилизација.
И покрај своите успеси, генералниот имиџ на Ву бил ужасен. „Со срце на змија и табиет на волк“, таа фаворизирала зли психопати а ги уништувала добрите и лојални службеници. Си ја убила сестра си, си ги искасапила постарите браќа, го убила царот, си ја отрула мајка си. Била омразена „и од боговите и од луѓето“.
Сепак, да не заборавиме дека ваквата слика за Ву доаѓа од рани кинески извори, оние кои ги преживеале вековите, и тоа такви кои биле напишани за да обезбедат лекции за идните владетели. Една од нив била тие да бидат внимателни во однос на можни узурпатори на тронот (како Ву) и кон секој оној кој со своето однесување би претставувал навреда за конфучијанските вредности (нешто што Ву исто така го правела, со самото тоа што била жена). Некои од документите се можеби напишани од нејзини роднини кои имале добра причина да ја презираат, или пак обратно, од неа самата, сакајќи засекогаш да си го запечати имиџот на „кул бич“ владетелка.
Една од многуте приказни е дека таа дури си ја убила една недела старата ќерка, со која затруднела од императорот Гаозонг, само за да ја обвини неговата тогаш официјална сопруга, која била последната која ја држела в раце. Царот ѝ поверувал и царицата била затворена во оддалечена просторија во палатата. Кога Ву го зазела нејзиното место, наредила нејзината претходничка, заедно со главната конкубина, да бидат врзани и фрлени во буре со вино за да се удават во него. Потоа наводно изјавила: „Сега овие две вештерки можат да се напијат колку што сакаат“.
Во 1963 е направен хонгконшки филм во кој Ву е претставена како моќна и сексуално агресивна жена. Дури и кога имала над 70 години, Ву наводно користела услуги на двајца голобради браќа, кои како деца биле пејачи, а имале „лица убави како лотус“. Сепак, природата на нивните интимни средби никогаш не е до крај откриена.
Поради овие контроверзи (и многу повеќе) подоцнежните генерации гледале со сомнеж кон наследството на Ву. За тоа зборува и огромниот камен меморијал кој води до нејзинот гроб. Тоа е единствениот необележан обелиск во повеќе од 2000 години долгата царска историја, на кој нема никаква ознака или текст на кого се однесува - начин нејзиното име да се избрише од страниците на историјата. Самиот гроб, пак, кој се наоѓа на тешко пристапен планински пат, никогаш не е отворен од страна на археолозите.