Здружението за германски јазик (Verein deutche sprache или VDS) на веста за неодамнешното формално воведување на тн. „родова ѕвездичка“ на ниво на градот Хановер реагираше со петиција потпишана од околу 100 писатели, сатиричари и професори, во која се бара „стоп за родовите бесмислици“. Тие сметаат дека ова ќе произведе куп искривоколчени лингвистички структури и дека е невозможно со еден ваков декрет да се промени толку долга традиција каква што е онаа на германскиот јазик. Помеѓу потписниците е Ханс-Георг Маасен, поранешен шеф на германското разузнавање, кој беше обвинет за блискост со десничарската партија Алтернатива за Германија.
Но Gendersternchen или родовата ѕвездичка не е нова работа во германскиот. Таа подолг период се користи во официјални преписки и во медиумите, а нејзината смисла е да асоцира на родово неутрални именки (пријател*ка, професор*ка итн.). Сепак, за конзервативците ова со јазикот е само еден од проблематичните примери за правецот во кој оди нивната земја: германскиот парламент на крај на 2018 го додаде третиот пол како опција при запишување на новороденчињата во матичната книга на родени, а на 8 март минатата година одговорниот за еднакви можности во германското Министерство за семејство предизвика скандал кога сугерираше родово неутрални стихови за националната химна.
Сепак, конзервативците изгледа ја губат битката, и сосема е можно астериксот да влезе во официјална употреба и во други големи општини, а можеби дури и на федерално ниво. Организација од Кил во последниве три години има наполнето онлајн речник со 750 родово неутрални зборови и изрази на германски. Ова според поборниците на промената е повеќе од три децении задоцнето остварување на идеите на германските феминистки, во случајов на лингвистката Луиз Пуш (Luise Push), изнесени во нејзината книга „Германскиот како јазик на мажите“ од 1980-тите.