„Ѕверови на јужната дивина" главно го опишуваат како филм за ураганот Катрина и неговите последици. Но многу повеќе од тоа, тој е хроника на едно буквално и метафорично тонење на еден цел (човечки) вид, и за тивкиот пркос на некои негови припадници, кој колку и да е наивен и привремен, е последен знак на нивното достоинство.
„Кадата" (The Bathtub) е мочуриште, место вон радарот и интересот на властите, некаде во Луизијана, постојано изложено на ризици од поплави, каде живее чудна расно мешана и главно алкохолизирана заедница на отпадници, кои се издржуваат со ловење ракови и одгледување домашни животни. Хашпапи живее со татко ѝ, кој е тешко болен и со скршено срце заради смртта на жена му, која била толку убава што кога ќе влезела во кујната плинското решо се палело само од себе. На понекогаш суров но сосема исправен начин со оглед на околностите, тој се обидува ќерка му да ги научи основните животни вештини - не, не сурфање на интернет, туку убивање риба со чекан или пловење на импровизирано кајче.
И покрај честите повици жителите да ја напуштат оваа територија, тие одбиваат, не сакајќи да ја трампаат нивната слобода за некаква стерилна просторија („аквариум, ама без вода") во прифатилиште кое повеќе личи на болница. Ѕверовите на блиската апокалипса - ураганот, но и генералните сили на уништувањето на сето она што останало нечепнато, автентично и природно (кои од време на време буквално се појавуваат во филмот во вид на некакви огромни диви свињи) почнуваат опасно да се приближуваат, а сè што има таткото на Хашпапи како опрема за нејзино спасување се - пар „мускули" за пливање, со кои таа треба да пафта ако водата ѝ дојде до устата.
"This ain't no time to sit around cryin' like a buncha pussies!" (Не е време да седиме и да плачеме ко пички) е мото кое се провлекува на неколку пати низ филмот, изговорено среде рушевините на и онака бедниот и каллив пејсаж, кого ураганот дополнително го опустошува. Токму овој пркос го прави овој филм различен од оние на Теренс Малик („Дрво на животот") со чија естетика го споредуваат. Идејата на сеопштата поврзаност на сè со сè, тенката граница меѓу халуцинациите и стварноста, мистичноста која не само што не е контрадикторна со прагматичноста туку е нејзин суштински дел, и најпосле но не и најмалку важно, стиснатите усни на решителност на малата Хашпапи, да продолжи и сама да се бори против „ѕверовите" и по смртта на татко ѝ, го прават овој филм она што обично го нарекуваме „убав".