Предавањето на Батлер во Белград кое се одржа вчера (петок, 20.11) во кино-салата на Белградскиот културен центар, беше најавувано со месеци. Дел од конференцијата „Како да делуваме заедно?" организирана од Филозофскиот факултет во Белград, тоа допре значајни теми, за кои славната теоретичарка има пишувано и зборувано претходно. Понекогаш и со точно истите зборови.
БКЦ беше претесeн да ги прими сите оние за кои Батлер е жива икона на феминистичката теорија, но и оние за кои таа е нешто како Стоунси - и да не ви лежи нивната музика морате да ја признаете нивната величина, и ако сте во градот никако да не го пропуштите нивниот настап, па макар и од „општа култура". Доследно на темата на конференцијата и општата егалитарна атмосфера, предавањето беше бесплатно и немаше билети, што предизвика (по слободна проценка) едно 1000 луѓе да го следат во преполната сала, на видео-бим поставен во холот на Центарот, или стоејќи на улица.
А токму таа, улицата, беше и еден од клучните „топоси" на предавањето на Батлер, кое се фокусираше на врската помеѓу ранливоста и отпорот. Главната теза беше дека ранливоста, разбрана како намерно себеизложување на моќ, е дел од суштината на политичкиот отпор како отелотворено делување, а не спротивна на идејата на отпорот.
„Има такви кои се грижат дека ранливоста, доколку стане самата по себе тема или проблем, ќе се толкува како примарна егзистенцијална состојба, и дека тоа ќе ја удри од истите карпести брегови како и, на пример, размислувањето за мајчинството", рече Батлер. Оттаму, таа се обиде да покаже нешто што дури и интиуитивно е прилично јасно - дека 1) не се станува ранлив (само) затоа што си презел политичка акција или си пружил отпор, туку најверојатно си бил таков и претходно, а и 2) дека ранливоста во такви моменти на преземање конкретни акции не се надминува автоматски, туку само добива друга форма. Истовремено, токму оние структури кои се предмет на отпорот самите стануваат ранливи и изложени на ризик да бидат укинати.
„Ранливоста" оттаму е многу посложен концепт од оној на кој сме навикнати, кога под под припадник на „ранлива група" (често користен термин во речникот на хуманитарците) подразбираме некој којшто самиот сака, или за кого сакаме „заради негово добро", да воспоставиме заштитен статус, поставувајќи се истовремено како негов заштитник. Ранливоста во тој случај однапред им ја негира политичката моќ на „ранливите", на кои таа им е толку потребна, токму за да излезат од статусот на дискриминирани и експлоатирани, то ест ранливи.
Истовремено, дискурсот на ранливост често го злоупотребуваат и доминантните групи. Звучи парадоксално, но кога белците во Калифорнија почнале да го губат статусот на мнозинство, тие почнале да се повикуваат на својата „ранливост". Колонијалните земји го правеле истото кога почнале да биваат напаѓани од нивните колонијални поданици. Некои мажи се жалат дека феминизмот ги има претворено во „ранлива популација" и дека сега тие се цел на дискриминација. Различни европски национални идентитети сега тврдат дека се нападнати од новите мигрантски заедници.
Но кога се во прашање движењата на отпор и протестите, ранливоста се појавува како резултат на намерно телесно изложување, и самата таа е дел од практикувањето моќ. Телото е изложено и на ударите на полицијата и на фотографскиот објектив - тогаш ранливоста веќе не е некаква апстрактна егзистенцијална состојба, туку станува збир односи помеѓу оние кои пружаат отпор, просторот во којшто се прави тоа и оние кои се мета на отпорот. Ако во политичкиот живот изгледа дека најпрвин треба да се случи неправда, а потоа да има реакција на неа, можно е и самата реакција да предизвика неправда, што ни дава и друга можност да размислуваме за историските настани и за различните форми на отпор.
Ваквата деконструкција на ранливоста е многу важна применета во конкретни примери и контексти. Такви во предавањето на Батлер беа нафрлени, но не и детално анализирани, а немаше ни такви кои се однесуваа на инаку „отпорашки" настроената Србија. Македонија, секако, не беше спомната, а можеше лесно да биде. Затоа што мантрата за Македонецот како ранлив по повеќе основи во регионална и глобална смисла (социјална, историско-политичка, културна), некој на кого што секогаш му треба надворешна помош за да се извлече од сопствените срања, ќе беше одличен пример за нешто што е истовремено и извор на неговите несреќи, но и можна основа за неговиот отпор. Како што тоа прилично батлеровски ни го кажа Ристо Вртев, со „Ибер Мацедонише".
Вон темата на предавањето, она што остава впечаток во еден поширок социолошки контекст е „индустријализацијата" на ваквите настапи на еминентни интелектуални фигури - рециклирањето стари идеи, цитирањето на сам себе по н-ти пат зачинето со благо кокетирање со публиката („дали зборувам доволно добро англиски ко за Американка?"). Прашањата од присутните додуша придонесуваат за излегување од шемата и ставањето на идеите во (локален) контекст, но тоа повторно не е најважниот момент од овој настан. Најинтересна беше токму публиката - со просечна возраст од 23-4 години, таа со голема концентрација и посветеност го следеше предавањето, во кое ја препознаа својата ранливост, но и сопствената сила за отпор. Девојка која буквално клечеше до мене со отворена тетратка во која трескавично запишуваше цитати , на секоја втора реченица потврдно климаше со главата и викаше „јее, јее". Нејзината ранливост (неудобната седечка позиција), не го попречи нејзиното активно и прилично артикулирано присуство во салата. Кога би можеле нешто да научиме од ова...
Целото видео и текст од предавањето во Белград се уште не се објавени, но горе-долу истото може да го прочитате тука (предавање на иста тема одржано во Мадрид 2014)