Фајетвил во Арканзас е универзитетски град, лоциран среде ниви и фарми за кокошки. Место каде никој не би очекувал да открие тајни во врска со Студената војна. Па сепак, токму тука, во библиотеката на Универзитетот, односно во архивата на Џ. Филијам Фулбрајт (истиот оној по кого се вика познатата стипендија), постојат детални податоци за нешто што се случувало во 1946 - американска програма за размена и „културна презентација“, односно обид за извоз на американската култура како оружје против советскиот комунизам.
Приказната е следна: во 1954 претседателот Ајзенхауер добива 5 милиони долари од Конгресот за да испрати американски културни амбасадори надвор од земјата, како дел од обидот за „јавна дипломатија“. Прво се испраќале симфониски оркестри, театарски групи, а капела пејачи и фолклорни играчи. Советите одговориле со турнеи на нивни познати национални институции, како балетските трупи на Киров и Бољшој, иако нивните напори биле десеткувани кога ѕвезди од калибарот на Нора Ковач и Рудолф Нуреев побарале азил додека биле во странство, и веќе не се вратиле.
Но во 1956, Адам Клејтон Паул помладиот, африканско-американски конгресмен од Харлем, сугерира Америка да ги испрати надвор своите најголеми џез музичари. И Стејт департментот е за, сметајќи дека расно мешаните џез групи ќе го обелат образот на Амерка, која во тој период е под голем притисок заради нарушувања на човечките права на Афро-американците. Плус, како што тоа го покажувале купиштата писма кои ги добивало радиото Војс оф Америка, џезот бил неверојатно популарен.
Пауел го убедил својот пријател Дизи Гилеспи да стане првиот џез амбасадор, иако овој тоа не го прифатил баш од прва. Како повеќето други музичари, и тој бил растргнат помеѓу идејата за патриотизам, но и сопствената прогресивна политика, која вклучувала идеали за слобода на сите граѓани, нешто со што во тој момент САД не можеле да се пофалат.
Турата на Дизи ги вклучила Блискиот Исток, Пакистан, Сирија, Турција и Грција, и била триумфална, што само го охрабрила Стејт департментот дека џез дипломатијата е одлична идеја. Иронично, кога бендот на Гилеспи настапил во Дамаск, она што привлекло најмногу внимание не била расната мешавина на сцената, туку присуството на трубачката Мелба Листон и на пејачката Доти Салтер.
Турите не се одвивале секогаш мазно. Во 1957, гневен заради одбивањето на Ајзенхауер да испрати трупи во Литл Рок и да гарантира безбедност на деветте црни деца кои се обидувале да се запишат во локалното средно училиште, Луј Армстронг го откажал своето патување во СССР, велејќи дека нема намера да го брани американскиот устав надвор, ако тој не се спроведува како што треба дома. Во 1962, пак, Бени Гудман бил на турнеја во СССР и свирел на концерт на кој бил присутен Никита Хрушчов. За сите овие музичари и нивното влијание врз намалувањето на тензиите помеѓу студено завојуваните страни зборува документарец на Би-би-си 4, кој ќе се емитува утре, 4 мај. Еве извадок од него: